Според информациите што ги добиле од свиркачи, портпаролката на СДСМ кажа дека сите млади луѓе што биле примени во август, заклучно со 17 септември сè уште немаат земено ниту една плата, а причината за тоа, како што информирале извори од различни општини, било тоа што исплатата е блокирана и не може да се реализира поради локалните избори бидејќи станувало збор за „вонредно плаќање“
„Јавно го прашуваме премиерот (Христијан) Мицкоски дали е ова точно?“, рече портпаролката на СДСМ на денешната прес-конференција
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска излезе со тврдења дека на четиристотините пожарникари што Владата најави дека ќе ги ангажира во општините, како една од мерките за справување со пожарите, досега не им била исплатена ниту една плата поради предизборниот период.

Означувајќи го како нов скандал што говори за неспособноста на актуелната власт, портпаролката на СДСМ, Боданка Кузеска, која во името на партијата ги изнесе ваквите наводи, рече дека информациите ги добиле од свиркачи, односно извори од различни општини.
„Неспособната власт на ВМРО-ДПМНЕ освен што не успеа да се справи со пожарите сите активности ги сведе на лажен пи-ар и манипулации. Пред неколку месеци, власта најави ангажирање на 400 пожарникари преку општините, со месечен надоместок од 24 000 денари. Им ветија обуки, ангажман, а на најдобрите и трајно вработување. Се спроведе селекција, се направи избор, се ангажираа. Поминаа месеци. И што се случува со овие 400 пожарникари по општините?“,
рече Кузеска на прес-конференција.
Според информациите што ги добиле од свиркачи, таа кажа дека сите тие 400 млади луѓе што биле примени во август, заклучно со 17 септември сè уште немаат земено ниту една плата, а причината за тоа, како што информирале извори од различни општини било тоа што исплатата е блокирана и не може да се реализира поради локалните избори бидејќи станувало збор за „вонредно плаќање“.
„Јавно го прашуваме премиерот (Христијан) Мицкоски дали е ова точно?“,
рече портпаролката на социјалдемократите.
Ако овие информации се потврдат како точни, како што рече Кузеска, тоа ќе значи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, свесно ги излажала овие млади луѓе кои се пријавија и беа примени на конкурсот за времено ангажирање пожарникари.
Според Кузеска, тоа ќе значи дека власта ги искористила за политичка реклама, а потоа ги оставила без паричен надомест, а граѓаните без потребната заштита.
„Наместо да го зајакнат противпожарниот систем и да ја зголемат безбедноста на граѓаните, тие направија евтин пи-ар. Кој сега ќе понесе одговорност за оваа катастрофа? Или и за ова ќе ги обвинувате измислени хибридни напади и центри на моќ? Со вакви лаги и манипулации, нема да го зајакнете системот за заштита и спасување, само ја губите довербата на граѓаните и ја уништувате безбедноста на државата. Изгоре 20% од територијата, горат депонии, народот се гуши. Кој во власта ќе одговора за катастрофата со пожарите?“,
рече портпаролката на СДСМ.
За потсетување, Владата на почетокот на јули најави дека ќе ангажира невработени лица што ќе помагаат во справувањето на пожарите. Мерката на прес-конференција на 7 јули ја објави владината портпаролка Марија Митева, посочувајќи дека таа по првпат ќе се спроведува во државата и предвидува вклучување на 400 невработени лица, што ќе бидат ангажирани во активности за спречување и намалување на ризикот од пожари.
Месечниот надоместок што ќе го добиваат ангажираните лица ќе биде 24 илјади денари.
„Сите оние што ќе покажат особен интерес, посветеност и висока подготвеност по завршување на оваа мерка ќе бидат трајно ангажирани преку нивно вработување во институциите што се надлежни за оваа работа“,
рече тогаш Митева.
Обуката на лицата кои се пријавија на владиниот оглас за превенција од пожари во државата почна на 5 август. Неа ја стартуваа 364 пријавени кандидати, а два дена подоцна ја завршија 352 лица, кои, како што најави тогаш директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, следниот ден ќе потпишат договори за работно ангажирање за јавни работи со Агенцијата за вработување, каде што како партнер се јавуваат и ДЗС и општините вклучени во мерката.
Ангелов тогаш посочи дека селекцијата на кандидатите кои успешно ја завршиле обуката понатаму ќе продолжи во локалните територијални противпожарни единици, а за оние кои се од Скопје во рамки на ДЗС. Најдобрите од нив, како што рече, ќе добијат можност за вработување во противпожарните единици, а дел од нив во ДЗС во рамки на новата специјална единица за заштита и спасување која е во фаза на формирање.