Дел од присутните, зборувајќи на мегафон, порачаа дека случајот на Росица не смее да се сведе на бројка или статистика
Фемицидот не е несреќа, не е трагедија што паднала од небо, тоа не се изолирани случаи, туку системска криза, симптом на длабока рана во општеството што со години крвави. Ова го порача една активистка во својот говор вечерва на протестот кај паркот „Жена борец“ во центарот на Скопје, што се одржа во организација на неколку невладини организации, а по повод убиството на 31-годишната велешанка Росица Коцева и нејзиниот татко, од страна на нејзиниот поранешен партнер, кој потоа се самоуби.

Изразија надеж дека овој протест ќе донесе промени, оти во спротивно трагедиите ќе продолжат да се повторуваат, а јавноста брзо ќе ги заборава.
Дел од активистите, зборувајќи на мегафон, порачаа дека случајот на Росица не смее да се сведе на бројка или статистика.
„Денес е Росица, утре друга, но прашањето не е која е следна, туку што можеме да сториме за да го спречиме тоа“,
кажаа тие.
Како и на протестот пред Министерството за внатрешни работи (МВР), и тука ги повторија барањата до институциите за поголема одговорност, но и за казни на полицајците, обвинителите и судиите што биле запознаени со случајот на Росица.
Посочија и дека се потребни повеќе средства за социјални програми, целосна имплементација на законите за спречување фемицид и казни за оние што не ги спроведуваат.
Протестот заврши со молк на присутните во знак на почит кон Росица, но и на сите жени жртви на насилство.
Повеќе фотографии од протестот пред паркот „Жена борец“ погледнете во продолжение:





