Проектот за Албанец премиер не е ад хок идеја на ДУИ, туку важно парче од мозаикот на стратегијата на ДУИ за постигнување целосна еднаквост, и треба да се заврши со рушење на последното табу, последното место на отпор за другите заедници да бидат позиционирани, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
„Во оваа држава сите сме еднакви, секој има право да биде избран и да избира. И оттука идејата е да се избере првиот премиер Албанец, премиер на еднаквоста којшто ќе ги сруши сите стереотипи и табуа дека во оваа држава сè уште постојат места каде што Албанците не можат да пристапат“,
рече Османи.
Тој посочи дека ова било најавено уште во 2009 на конгресот на партијата кога Али Ахмети спомнал 12 позиции во државата кои се недопирливи за Албанците меѓу кои и народниот правобранител, претседателот на Собранието, шремиерот на државата, претседателот на државата.
„Сите во овој период се остварија. Имавме и министер за одбрана Албанец и претседател на Врховен суд и претседател на Собрание. Така што логично следува дека сега е време да се руши и последното место на отпор кон предрасудите дека етнички монопол кон која било позиција во Владата. Ова е моментот Албанците го чувствуваат тоа и да се мобилизираат масовно. Оваа идеја не е партиска туку натпартиска идеја и проект, и очекуваме поддршка од сите“,
рече Османи.
Тој очекува за оваа идеја поддршка не само од албанските граѓани и албанските политички партии и организации, туку, вели, и од македонските граѓани и партии кои не сакаат да ја видат државата како место каде што сè уште постојат предрасуди и етнички монопол. Смета дека свеста за тоа расте и кај македонската заедница, бидејќи, вели, сите добија со именувањето на Албанец за претседател на Собранието, за министер за внатрешни работи, министер за одбрана, претседател на Врховен суд.
„Ова е процес за кој секогаш на почетокот се изразуваат дилеми, се отфрла. Ист ваков отпор имавме за секој наш проект, исто вакво одбивање имавме и од страна на некои албански политички партии, но на крај излезе дека оваа држава само стана посилна, посплотена и поунифицирана со сите рушења овие предрасуди и монопол“,
рече Османи.