Критичарите оценуваат дека американскиот претседател го користи убиството на десничарскиот активист Чарли Кирк како изговор за справување со политичките противници
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа најави нови мерки против левичарските групи, кои тој и други високи функционери во неговата администрација ги обвинуваат дека создале непријателска атмосфера која довела до убиството на десничарскиот активист и еден од неговите верни сојузници, Чарли Кирк.

Овој пат во фокусот на Трамп е антифашистичкото движење – Антифа, кое според претседателот на САД треба да биде прогласено за терористичка организација, пренесе Ројтерс.
Трамп на својата социјална мрежа Трут соушал (Truth Social) напиша дека ќе го означи движењето како терористичка организација.
„Исто така, силно ќе препорачам оние што ја финансираат Антифа да бидат темелно истражени во согласност со највисоките законски стандарди и практики“,
напиша американскиот претседател.

Сепак, според експертите, останува нејасно каква правна тежина носи најавата на Трамп, имајќи предвид дека Антифа е лабаво организирано идеолошко движење, без јасна лидерска структура или хиерархија.
Објавата на Трамп доаѓа еден ден откако обвинителите во американската сојузна држава Јута и формално поднесоа обвинение против Тајлер Робинсон, уапсениот за убиството на Кирк. Но, според, она што е познато, нема докази што го поврзуваат 22-годишниот Робинсон со која било група или движење и сè уште останува да биде прецизно утврдено кои биле неговите вистински мотиви за убиството.
Инаку, Трамп и високи функционери во неговата администрација постојано ги обвинуваат левичарските групи дека создале непријателска атмосфера кон конзервативците дури и пред убиството на Кирк.
Претходно вчера, функционер во администрацијата на Трамп изјави дека Белата куќа подготвува извршна наредба за политичко насилство и говор на омраза.
Потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, во интервју за Фокс њуз вчера, постојано ја обвинуваше, како што ја нарече, радикалната политичка левица, за убиството на Чарли Кирк.
Тој рече дека Белата куќа работи напорно за да се осигури дека „мрежите што финансираат левичарско насилство“ ќе се третираат како терористички организации.
Од друга страна, критичарите велат дека Трамп го користи убиството на Кирк како изговор за справување со политичките противници.

Трамп првпат ја спомена можноста за означување на Антифа како терористичка организација во 2020 година, среде насилните протести низ целата земја по убиството на Џорџ Флојд од страна на полицијата.
Во тоа време, правни експерти беа на став дека таков потег нема законска основа, би бил тежок за спроведување и би предизвикал загриженост за слободата на говорот, со оглед на тоа што застапувањето идеологија генерално не е кривично дело.