Кимел за време на неговиот воведен монолог во понеделникот, речиси една недела откако Кирк беше застрелан на Универзитетот Јута Вали, меѓу другото, рече дека бандата МАГА (Движењето на Трамп) се обидува да освои политички поени од убиството на десничарскиот активист
Шоуто на Џими Кимел е суспендирано на неодредено време поради коментарите на водителот во врска со убиството на десничарскиот активист Чарли Кирк. Ова го објави телевизијата Еј-би-си, неколку часа откако претседателот на американскиот радиодифузен регулатор назначен од Трамп се закани дека ќе им ги одземе лиценците на радиодифузерите доколку не преземат мерки против водителот на шоуто.

Американскиот претседател Доналд Трамп го поздрави ваквиот потег на телевизиската мрежа во сопственост на „Дизни“ нарекувајќи го „одлична вест за Америка“. Тој во објава на социјалните мрежи ѝ честиташе на Еј-би-си за како што наведе нејзината храброст.
„Тоа ги остава Џими и Сет, двајца тотални губитници, на лажни вести на Ен-би-си (NBC)“,
додаде Трамп, очигледно упатувајќи закани за емисиите Џими Фалон и Сет Мејерс на Ен-би-си.
Одлуката на Еј-би-си да го суспендира шоуто на Џими Кимел дојде само неколку минути откако еден од најголемите сопственици на телевизиски станици во САД, „Некстар медиа“ (Nexstar Media), изјави дека силно се спротивставува на неговите коментари и дека во догледна иднина ќе спречи сите епизоди на емисијата да се емитуваат на станиците што ги поседува ширум САД.
„Синклер бордкест груп“ (Sinclair Broadcast Group), која поседува повеќе станици на Еј-би-си од кој било друг телевизиски конгломерат, вклучувајќи го и Некстар, објави дека утре ќе емитува емисија посветена на Чарли Кирк во терминот во кој се прикажува шоуто на Кимел.
Пред Еј-би-си да го отстрани Кимел, претседателот на Федералната комисија за комуникации (ФКК), Брендан Кар, ги повика локалните радиодифузери да престанат да ја емитуваат емисијата, велејќи дека „ја разгледуваат можноста за казни или одземање на лиценцата од страна на ФКК. Кар, ова го изјавил во поткаст на десничарскиот коментарот Бени Џонсон.
Синоќа во изјава, објавена на социјалните платформи, Кар му се заблагодари на Некстар, затоа, што како што навел, постапил правилно со суспендирањето на шоуто на Кимел.
„Локалните радиодифузери имаат обврска да служат на јавниот интерес. Иако ова може да биде одлука без преседан, важно е радиодифузерите да се спротивстават на програмите на ‘Дизни’ за кои ќе утврдат дека не се во согласност со заедницата“,
напиша тој.
Инаку, Кимел за време на неговиот воведен монолог во понеделникот, речиси една недела откако Кирк беше застрелан на Универзитетот Јута Вали, меѓу другото рече дека бандата МАГА (Движењето на Трамп) се обидува да освои политички поени од убиството на десничарскиот активист.
Дојдовме до нови падови во текот на викендот, а бандата МАГА се обидува да го карактеризира ова дете што го уби Чарли Кирк како нешто различно од нив и прави сè што може за да освои политички поени од тоа“, рече Кимел.
Инаку, Тајлер Робинсон, осомничениот за ликвидацијата на Кирк, е обвинет за тешко убиство, кривично дело со употреба на огнено оружје и манипулирање со сведоци, и може да се соочи со смртна казна.
За време на воведниот монолог за емисијата емитувана во вторникот вечерта Кимел рече дека многумина во МАГА-земјата работат многу напорно за да профитираат од убиството на Чарли Кирк и наведе дека потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, без докази ја обвинува левицата за смртта на Кирк.
„Еве едно прашање на кое Џеј-Ди Венс, можеби ќе може да одговори: Кој сакаше да го обеси човекот што беше потпретседател пред вас? Дали тоа беше либералната левица? Или беззабата армија што го нападна Капитол на 6 јануари?“,
рече Кимел.
Ендру Алфорд, претседател на радиодифузната дивизија на Некстар, ги нарече коментарите на Кимел „навредливи и нечувствителни во критично време за американскиот политички дискурс.
„Продолжувањето да му се дава на г. Кимел платформа за емитување во заедниците на кои им служиме едноставно не е во јавен интерес во моментов, и донесовме тешка одлука да ја спречиме неговата емисија во обид да им дозволиме на поладните глави да преовладаат додека се движиме кон продолжување на конструктивниот дијалог“,
рече Алфорд.
Кимел сè уште не излезе со изјава во врска со случајот.