Според весникот, Стармер ја одложил официјалната објава за признавање на палестинска држава од страна на Велика Британија до завршувањето на посетата на Трамп на земјата, стравувајќи дека ова прашање би можело да биде доминантна тема на прес-конференцијата што тој и американскиот претседател треба да ја одржат денеска по нивната средба во Чекерс
Британскиот премиер Кир Стармер наводно ќе објави признавање палестинска држава претстојниот викенд откако американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја заврши својата официјална посета на островот, објави лондонски „Тајмс“.

Стармер претходно најави дека Велика Британија планира да ја признае палестинската државност пред почетокот на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк овој месец, доколку Израел не ги исполни низата услови што од него ги бара меѓународната заедница за подобрување на хуманитарната состојба во Газа.
Средбите на високо ниво на самитот на ОН, на кои учествуваат светските лидери, започнуваат на 23 септември.
Според „Тајмс“, Стармер ја одложил официјалната објава за признавање на палестинска држава од страна на Велика Британија до завршувањето на посетата на Трамп на земјата. Причина за воздржаноста било стравувањето дека ова прашање би можело да биде доминантна тема на прес-конференцијата што британскиот премиер и американскиот претседател денеска треба да ја одржат по нивната средба во резиденцијата на Стармер во Чекерс.
Инаку, најавата дека Велика Британија планира да го преземе истиот чекор како Франција, Австралија и Канада, кои соопштија дека ќе признаат палестинска држава на самитот на ОН, наиде на негативна реакција од Вашингтон.
Имено, во јули, Стармер објави дека ќе ја признае државноста на Палестина по зголемениот притисок од пратениците на неговата Лабуристичката партија поради влошувањето на хуманитарната состојба во Газа. Но, лидерот на лабуристите посочи дека британското признавање е условно и дека тој ќе се воздржи доколку Израел се обврзе на прекин на огнот и долгорочен одржлив мир што обезбедува решение за две држави и им дозволи на ОН да го рестартираат снабдувањето со помош.

Сепак, сите три услови веројатно нема да бидат исполнети, бидејќи официјален Тел Авив веќе ги отфрли како можност и во меѓувреме продолжи со големата копнена офанзива во Газа, каде илјадници луѓе последните денови се принудени да го напуштат градот Газа.
Инаку, досега 147 од 193 земји членки на Обединетите ја имаат признаено палестинската државност.
Во меѓувреме, градоначалникот на Лондон, Садик Кан, говорејќи на настан вчера, за прв пат ја опиша ситуацијата во Газа како геноцид, повикувајќи се, меѓу другото, и на извештајот на Обединетите нации објавен деновиве.
„Кога ги гледам сликите од децата што гладуваат, 20 000 деца гладуваа поради политиките на израелската влада, кога го гледам здравствениот систем во Газа како се распаѓа, кога го гледам недостигот на резерви што стигнуваат до луѓето во неволја, кога го гледам гладот што е предизвикан од човек, кога ја читам привремената пресуда на Меѓународниот суд за човекови права, а потоа го гледам извештајот на комисијата на ОН оваа недела, мислам дека е неизбежно да се извлече заклучокот дека во Газа гледаме како се случува геноцид пред нашите очи пред нашите очи геноцид“,
изјави Кан.
Во вторникот, истражната комисија на Обединетите нации соопшти дека има разумни основи да се заклучи дека Израел извршил геноцид врз Палестинците во Газа.
Од друга страна, Министерството за надворешни работи на Израел соопшти дека категорично ги отфрла ваквите наводи, оценувајќи го извештајот како „извртен и лажен“.