Навална не даде детали за тоа кои примероци биле анализирани или за резултатите од тестовите, но ги повика лабораториите независно да ги објават наодите и да го наведат видот на отровот
Вдовицата на рускиот опозиционер Алексеј Навални, Јулија, денеска објави видеоснимка во која тврди дека лабораториските тестирања на биолошките примероци потврдиле дека нејзиниот сопруг е убиен со труење во февруари 2024 година, додека отслужувал затворска казна на Арктикот.

„Лаборатории во две земји дојдоа до заклучок дека Алексеј е убиен. Поточно, отруен е“,
наведе Јулија Навална додавајќи оти неговите соработници успеале да пренесат биолошки примероци во странство, пред тој да биде погребан.
Навална не даде детали за тоа кои примероци биле анализирани или за резултатите од тестовите, но ги повика лабораториите независно да ги објават наодите и да го наведат видот на отровот. Таа, исто така, објави фотографии за кои тврди дека ја покажуваат ќелијата откако телото на нејзиниот сопруг било однесено, со локва повраќаница на подот. Таа рече дека сведоци од затворот рекле оти Навални се превртувал на подот.
Кремљ продолжи да ги негира обвинувањата. Портпаролот Дмитриј Песков рече дека не е запознаен со тврдењата на Јулија Навална.
Алексеј Навални беше најистакнат критичар на рускиот претседател Владимир Путин. Тој повеќе години организираше антивладини протести и го разоткриваше богатството на најблискиот круг на Путин. Претходно беше отруен во 2020 година додека водеше кампања во Сибир, по што беше итно префрлен во Германија на лекување.
Тој, по враќањето во Русија во јануари 2021 година, беше уапсен, а подоцна осуден на 19 години затвор по низа обвиненија, вклучително и екстремизам. И покрај неговото затворање, тој продолжи да го критикува Путин и руската инвазија врз Украина.
Според руските власти, Навални ненадејно починал на 16 февруари 2024 година, откако се разболел додека шетал низ затворскиот комплекс. Неговото тело не беше вратено на неговото семејство со денови, што предизвика дополнителни сомневања.
Јулија Навална постојано го обвинува рускиот претседател за смртта на нејзиниот сопруг.