Кампањата се спроведува со авионско фрлање вакцинални мамки кои се фрлаат на целата територија на државата со исклучок на населените места, водните површини и планинските врвови над 2 000 метри надморска височина
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информира дека од понеделникот е започната кампања за орална вакцинација против беснило на лисици и диви карнивори. Кампањата се спроведува со авионско фрлање вакцинални мамки кои се фрлаат на целата територија на државата со исклучок на населените места, водните површини и планинските врвови над 2 000 метри надморска височина.

„Во оваа кампања фрлени ќе бидат околу 450 илјади вакцинални мамки. Кампањата е предвидено да заврши на крајот на септември годинава, а со неа ќе се одбележи Светскиот ден за борба против беснило – 28 Септември“,
наведуваат од АХВ.
Оттаму апелираат граѓаните да бидат внимателни кога се движат во природа, да внимаваат во комуникацијата со животните, особено со лисиците кои се приближуваат до населените места и не покажуваат страв од луѓето и во никој случај да не ги допираат вакциналните мамки, кои се со кафена боја и личат на чоколадни коцки.
Од АХВ посочуваат дека мамките се направени од смеса со рибино брашно и имаат мирис на риба кој ги привлекува лисиците, а во нив има пластична капсула со течна вакцина која содржи атенуиран вирус на беснило и биолошки маркер – тетрациклин за утврдување на успешноста на вакцинацијата.
„Тие се соодветно обележани, со инструкции за начинот на постапување при допир. Доколку сепак се случи да дојдете во контакт со мамките, рацете задолжително да се измијат со поголемо количество вода и сапун, а при самоповредување или расечување со дел од капсулата на вакцината, задолжително да се побара помош од доктор по медицина. За време на кампањата и наредните денови, се препорачува кучињата да се шетаат на поводник, за да се избегне нивен контакт со мамките. Доколку кучињата или мачките дојдат во контакт со мамката, таа не е штетна по нивното здравје“,
наведуваат од Агенцијата.
Три недели по завршувањето на вакциналната кампања, АХВ ќе спроведе контрола на успешноста на акцијата.
„Апелираме до ловните друштва, од средината на октомври, согласно склучените договори, да извршат застрел на договорениот број лисици за лабораториско испитување на успешноста на имунизацијата кај лисиците преку утврдување присуство на антитела и детекција на тетрациклин во забите кај отстреланите лисици“,
додаваат од АХВ.
Вакциналната кампања се спроведува со финансиска поддршка од Европска здравствена и дигитална извршна агенција, а вредноста на поддршката за период од три години изнесува околу 2,5 милиони евра.