„Ќе ми дозволите да кажам дека јас не сум од вчера во политиката и потегот на политичката партија Левица да извади свои кандидати во општините Тетово, Гостивар и Струга, и тоа да го брендира (со наративот) дека не ја заборавиле западна Македонија, е затоа што ДУИ сфаќа дека во тие општини не може да победи и единствениот сојузник кој во моментов се обидува да фрли гума за спасување е токму Левица“, изјави денеска Мицкоски
Од Левица во објава на Фејсбук реагираа на изјавата на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ оценувајќи ја како бламирачка и наведувајќи дека тие биле единствената партија која имала храброст да понуди сопствени кандидати во општини „каде што СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се повлекле и одлучиле да ги поддржат кандидатите на ВРЕДИ и ДУИ“
Претседателот на Владата и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска од Јегуновце го коментираше потегот на политичката партија Левица да излезе со кандидати за градоначалници во општините Тетово, Гостивар и Струга.

Според премиерот, станува збор за „коалициско“ дејствување меѓу Демократската унија за интеграција (ДУИ) и Левица за локалните избори закажани за 19 октомври и 2 ноември (втор круг за избор на градоначалници во оние општини каде што за тоа ќе има потреба). Целта, вели премиерот, е да се предизвика раслојување на, како што ги нарече, анти-ДУИ гласовите во овие општини затоа што партијата на Али Ахмети сфаќа дека ќе биде поразена на овие избори.
„Ќе ми дозволите да кажам дека јас не сум од вчера во политиката, и потегот на политичката партија Левица да извади свои кандидати во општините Тетово, Гостивар и Струга и тоа да го брендира (со наративот) дека не ја заборавиле западна Македонија, а притоа да не извади свои кандидати, на пример, овде во Јегуновце, Теарце и во другите општини бидејќи западна Македонија не е само Струга, Тетово и Гостивар, има и други општини, доволно говори дека нивната цел е координирана со политичката партија Демократска унија за интеграција за да дојде до дисипација, раслојување на анти-ДУИ гласовите во тие општини. Тоа е затоа што ДУИ сфаќа дека во тие општини не може да победи и разбира дека ќе биде поразен на овие избори, односно ќе има мал, незначителен број на градоначалници и единствениот сојузник кој во моментов се обидува да фрли гума за спасување е токму политичката партија Левица“,
изјави Мицкоски.
Повторувајќи го ставот дека „не се од вчера во политиката“, премиерот рече дека шансите кандидатите на Левица да победат во Тетово, Гостивар и Струга „не се ни теоретски“, но доколку излезат со кандидат за градоначалник во Велес или во Штип тие би биле на ниво на теорија.
Оттука, според Мицкоски, вистинското прашање, како што кажа, е зошто во родниот град на претседателот на Левица, Димитар Апасиев оваа партија нема кандидат за градоначалник, а идентичен е, вели премиерот, и случајот со Штип, од каде доаѓа уште еден член на раководството на оваа партија (Борислав Крмов н.з.), туку кандидати за градоначалници имаат во општини каде расположението на мнозинството жители е против ДУИ.
„Нормално, својот стар коалициски партнер со којшто коалицираат и во Собранието од време на време, но и во Град Скопје го повикуваа на помош, а тој е секогаш тука да фрли гума за спасување тогаш кога на Али Ахмети и другарчињата им е тоа потребно“,
рече Мицкоски.
Од Левица во објава на Фејсбук реагираа на изјавата на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи ја како бламирачка. Од опозициската партија велат дека тие биле единствената партија која имала храброст да понуди сопствени кандидати во општини каде СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се повлекле и одлучиле да ги поддржат кандидатите на ВРЕДИ и ДУИ.
„Со искрено неверување ги следиме бламирачките изјави на Мицкоски и ДПМНЕ по повод кандидатурите на Левица за градоначалници во Тетово, Гостивар и Струга. Од патетични флоскули за ‘горда Македонија’, паднавте на ниво да напаѓате партија која единствена има храброст да понуди сопствени кандидати во општини каде што вие и СДСМ кукавички се повлековте и одлучивте да ги поддржите ВРЕДИ и ДУИ!?“,
се вели во реакцијата на Левица.
Оттаму велат дека поврзувањата на Левица со ДУИ се крајно смешни и тврдат дека како партија никогаш немале договори со ДУИ и оти така и ќе остане.
Според опозициската партија, токму ВМРО-ДПМНЕ е симболот на коалицирање со ДУИ, како во минатото така и сега.
„Заедно владеевте со години, заедно ги амнестировте т.н. хашки случаи, заедно гласавте и гласате штетни одлуки во советите како во Велес и Куманово, заедно носите двотретински закони во Собранието преку политички пазар, вие го пуштивте Артан Груби во бегство и до ден денес владее молк за тој случај“,
велат од Левица.
Инаку, Левица во трите општини што ги наведе Мицкоски денеска ги понуди следните кандидати за градоначалници.
- За Струга – Јована Мојсоска, актуелна пратеничка и генерален секретар на Левица;
- За Тетово – д-р Катка Божиновска, доктор на правни науки и
- За Гостивар – Дарко Грујоски, ИТ-специјалист.