„Голем дел од учебниците ќе можеме да ги надоместиме на разни начини, а во иднина се надевам дека нема повеќе да имаме вакви проблеми затоа што сметам дека веќе го воспоставиме тој стабилен систем за снабдување со учебници“, кажа министерката за образование
Дефинитивно постои едно недоразбирање, кое во иднина ќе треба да го решиме, иако Министерството за образование многупати повикуваше што сè треба да се направи за училиштата да го добијат потребниот број на учебници. Ова денеска го рече министерката за образование Весна Јаневска одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали ќе има одговорност за лошо менаџирање за директорите на училиштата што не направиле добра процена за тоа колку учебници им се потребни за замена на неупотребливите учебници.

„Во овој момент испраќаме дописи до училиштата, ќе продолжиме понатаму да ги допрецизираме правилниците за децидно да им биде кажано што, како и во кој период треба да направат за да во иднина немаме вакви проблеми“,
кажа таа.
Според неа, за дел од проблемите се бараат и се изнаоѓаат решенија и голем дел од учебниците ќе можат да се надоместат на разни начини.
„Голем дел од учебниците ќе можеме да ги надоместиме на разни начини, а во иднина се надевам дека нема повеќе да имаме вакви проблеми затоа што сметам дека веќе го воспоставиме тој стабилен систем за снабдување со учебници“,
вели Јаневска.
На новинарско прашање во кои училишта има вакви проблеми, таа рече дека низ целата држава има такви примери.
„За жал, низ целата земја имаме такви примери. Но, се обидуваме да обезбедиме донација за поголем дел од учебниците, оние што се најважни и верувам дека тоа ќе успееме да го направиме“,
рече министерката.
Додаде и дека има мала несоодветност во распределбата на учебници, па во оние училишта каде што има вишок ги префрлаат онаму каде што недостигаат.
На почетокот на учебната година таа изјави дека системски е решен предизвикот со учебниците кој се провлекуваше со години и дека повеќе нема предмети во основното образование без учебници.
На 11 јуни Јаневска рече дека сите искинати и неупотребливи учебници кои училиштата ќе ги пријават во електронскиот систем на Министерството ќе бидат заменети со нови пред почетокот на новата учебна година, 1 септември.
За оваа намена се обезбедени соодветни буџетски средства, со цел да се избегне разочарување кај учениците и нивните родители кои оправдано реагираат на состојбата на дел од учебниците.