Таа ги обвини Ангелов и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дека, во немоќ да спречат или откријат виновници, напаѓаат и дискриминираат цела заедница
Ангелов не се согласува „преживувањето“ на неколку десетици ромски семејства да биде ставено пред животот и здравјето на стотици илјади граѓани на Скопје

Врв на нечовечноста и силеџиска изјава – вака кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Каја Шукова реагира на изјавата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, дека Ромите од Вардариште со сила треба да се иселат.
Шукова смета дека оваа изјава го открива вистинското лице на актуелната власт и е злоупотреба на луѓе од најниските слоеви за да се оправда неспособноста да се справат со пожарите.
Таа ги обвини Ангелов и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дека, во немоќ да спречат или откријат виновници, напаѓаат и дискриминираат цела заедница.
Според Шукова, откако целата влада имала различни ставови за тоа кој пали и кои се причините, сега се брани со оцрнување и етикетирање.
„Власта е неспособна и шири ароганција и гнев поради сопствените неуспеси“,
рече Шукова додавајќи дека локалните институции имаат задача да најдат решение за проблемот, а ВМРО-ДПМНЕ четири години не работело на тоа.
Со одговор на реакцијата на Шукова се јави и директорот Ангелов, кој вели дека Шукова сака овие Роми да продолжат да живеат во депонија, да палат кабли и друг токсичен отпад, со што го трујат Скопје, и да вршат узурпација на државно земјиште.
Ангелов предлага Шукова да разговара со здруженијата на граѓани кои се борат против загадувањето од депонијата и да ги праша колку пати биле нападнати од лица што најверојатно живеат во дивата населба во Вардариште.
„За мене, животот, здравјето и безбедноста на граѓаните секогаш се на прво место“,
вели Ангелов.
Ангелов не се согласува „преживувањето“ на неколку десетици ромски семејства да биде ставено пред животот и здравјето на стотици илјади граѓани на Скопје.
Дека е за дислокација на ромските семејства кои живеат покрај Вардариште по кратка постапка, ако треба и на сила, Ангелов кажа синоќа во гостување во поткаст.
„Во депонијата Вардариште има една ромска населба, живеат Роми. Се оградувам, не мислам на сите Роми, да не бидам обвинет за шовинизам, расизам и така натака. Но оние Роми коишто живеат во депонијата се тие што палат кабли за да го извлечат бакарот, но и друг вид на отпад од кој ги вадат жиците, металот. Ако овие луѓе од таму се иселат ќе скокнат дестици, можеби и повеќе здруженија за заштита на човековите права“,
вели Ангелов.
Прашан дали тоа не може да се направи на хуман начин, Ангелов рече дека тој е за агресивна реакција.
„Ако мене ме прашувате, јас би го решил тоа по кратка постапка, ги селам од таму, ако е потребно и на сила“,
одговори Ангелов.