Во оваа земја со 5 милиони жители нема ниту еден активен случај
Нов Зеланд прогласи крај на епидемијата од ковид-19 и ќе ги укине сите мерки, освен оние на границите, најави премиерката Џасинда Ардерн, со што оваа јужнопацифичка земја е една од првите во светот што го направи тоа.
Владата од денеска на полноќ ги укинува мерките за физичко растојание и ќе премине од ниво 2 на вонредна состојба на ниво 1.
Јавните и приватните настани, продавниците и угостителските објекти, како и целиот јавен превоз сега можат да почнат со работа нормално, без придржување кон физичко растојание кое е во сила во повеќето земји во светот.
„Иако сега сме во побезбедна, посилна позиција, сепак нема да биде лесно да се вратиме на животот пред ковид-19. Го зачувавме нашето здравје со одлучност и истрајност, а сега треба да се фокусираме на економското закрепнување“,
рече Ардерн.
На Нов Зеланд живеат околу пет милиони луѓе. Досега беа регистрирани 1 504 заболени и 22 смртни случаи. Бројот на оздравени е 1 482 и нема активни случаи.