Томовски упати апел до институциите да го рационализираат возниот парк велејќи дека има голем број возила што се во нефункционална состојба или се повеќе од неопходното

Акцијата за промена на специјалните таблички на државните возила е во крајна фаза на реализација и се очекува целосно да заврши за две недели, информира денеска директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски. Досега, како што вели Томовски, се обележани околу 500 возила, а во тек е постапка за голем број други.
Директорот вели дека покрај државните институции, кои веќе ја спроведуваат промената, досега сите скопски општини се во процедура, како и Штип, Велес и Кавадарци.
Во рамките на кампањата, Томовски рече дека владината служба денеска ќе го објави и телефонскиот број и електронската адреса каде граѓаните ќе можат да пријавуваат злоупотреби. Пријавите ќе бидат препраќани до надлежните институции, кои потоа ќе постапуваат преку дисциплински и законски мерки.
Томовски упати апел до институциите да го рационализираат возниот парк велејќи дека има голем број возила што се во нефункционална состојба или се повеќе од неопходното. Тој наведе дека Службата за општи и заеднички работи, од своите 220 возила, обележала само 50, додека другите ќе бидат продадени или расходувани со цел заштеда на државни трошоци и зголемување на транспарентноста.
Според Томовски, вкупниот број на државни возила се проценува на околу 7 500, но точна бројка не постои, имајќи предвид дека во оваа категорија спаѓаат и возилата на МВР, АРМ, АНБ и Брза помош. Тој нагласи дека бројот на административни возила е значително помал и апелираше институциите да го сведат возниот парк на неопходниот минимум, очекувајќи дека на ниво на цела држава би можело да има од 1 500 до 2 000 службени возила.
Се препорачува институциите да направат процена преку Бирото за судски вештачења и да го расходуваат вишокот возила, а средствата добиени од продажбата да се насочат кон полнење на буџетот или други корисни проекти.
Причината за големиот број возила, според Томовски, најчесто лежи во натрупувањето на возила од одземен имот во минатото, каде постапката за расходување била комплицирана, а возилата често стојат неупотребувани на паркинзи и плацеви.
Инаку, Владата на 29 јули донесе одлука до 15 септември сите државни институции да ги променат регистарските таблици на службените возила со нови во боја. Но, Томовски минатата недела рече дека ако институциите не одговорат дотогаш, ќе може да го сторат тоа до 29 септември, односно до почетокот на кампањата за локалните избори.
Со мерката се опфатени сите возила во сопственост на државата – владините возила, општинските возила, возилата на јавните претпријатија. Со измените на правилникот, кои се очекуваат во текот на годинава, од обврската за смена на табличките ќе бидат исклучени оние за специфични намени како дел од возилата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и дел од возилата на МВР.