Како што објави американскиот портал „Аксиос“, оваа операција го означува почетокот на копнена офанзива во најголемиот град во Појасот Газа
Израелската армија во текот на ноќта ги интензивираше нападите врз Газа, изјави министерот за одбрана Израел Кац додавајќи дека целта е ослободување на заложниците и пораз на палестинската милитантна група Хамас.
„Газа гори“,
напиша Кац на социјалната мрежа Телеграм.
Според него, додека мисијата не биде завршена, Израел нема да попушти, ниту да се откаже од нападите.

Како што објави американскиот портал „Аксиос“, оваа операција го означува почетокот на копнена офанзива во најголемиот град во Појасот Газа.
Во текот на ноќта, израелските воени авиони извршија континуирани напади врз градот Газа, придружени со артилериски оган.
Според непотврдени информации од израелската армија, во градот се влезени и тенкови.
Махмуд Басал, портпарол на цивилната заштита предводена од Хамас во Газа, изјави дека гранатирањето сè уште е силно низ градот Газа, а бројот на мртви и ранети продолжува да расте.
Минатата недела, израелската војска (ИДФ) им нареди на Палестинците во сите делови на Газа да се евакуираат. На цивилите им беше кажано да се упатат кон хуманитарната зона одредена од Израел на југот од Појасот.
Досега, според информациите на ИДФ, повеќе од 350 000 Палестинци се евакуирани од градот Газа во други делови од Појасот.
Се очекува бројот на палестински цивили што го напуштаат градот да се зголеми како што напредува копнената офанзива на ИДФ против Хамас.
Се проценува дека околу еден милион Палестинци живееле во градот Газа пред почнат подготовките за офанзивата.
Американскиот државен секретар Марко Рубио предупреди дека Хамас има само неколку денови да се согласи на договор за прекин на огнот, бидејќи Израел почна со особено жестоки напади врз градот Газа.
„Израелците почнаа со операции во Газа. Затоа, веруваме дека имаме многу краток временски период за да постигнеме договор со палестинската исламистичка група“,
кажа тој.