Тужбата ќе биде поднесена во Флорида, рече тој, без да даде дополнителни детали
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе поднесе тужба од 15 милијарди долари за клевета и навреда против весникот „Њујорк тајмс“.

Трамп ова го објави на неговата социјална платформа Трут соушал (Truth Social) обвинувајќи го весникот за, како што наведе, децениските лаги против него, неговото семејство и бизнис, движењето „Америка на прво место“, МАГА и американската нација како целина, пренесе „Гардијан“.
„Денес имам голема чест да поднесам тужба од 15 милијарди долари за клевета и навреда против ‘Њујорк тајмс’“,
вели Трамп во објавата.
Тој во неа, посочува на поддршката на „Њујорк тајмс“ за неговата противкандидатка од редовите на демократите Камала Харис на претседателските избори во 2024 година, наведувајќи дека весникот станал виртуелен гласноговорник на радикалната левичарска демократска партија.

Тужбата ќе биде поднесена во Флорида, рече тој, без да даде дополнителни детали.
Ројтерс објави дека судскиот поднесок, во кој агенцијата имала увид, покажува дека Трамп го тужи весникот.
Американскиот претседател, наведува претходни примери на тужби поднесени против Еј-би-си њуз (ABC News) и водителот Џорџ Стефанопулос, како и против „Парамаунт“ во врска со интервјуто во емисијата „60 минути“ со Камала Харис. И двата случаи беа решени за 15 милиони, односно 16 милиони долари, соодветно, пишува „Гардијан“.
„’Њујорк тајмс’ имаше право да лаже, клевети и дискредитира предолго, но тоа завршува сега“,
напиша Трамп.
Весникот „Њујорк тајмс“ не одговори веднаш на барањето за коментар.