Со ова партијата сака да им овозможи на своите членови, на нивно барање, да ги поддржат луѓето што сметаат дека имаат капацитет да ја водат општината според програмата и врз основа на личните познанства

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вели дека партијата нема да има свои кандидати за градоначалници во некои општини, меѓу кои се Кичево и Струга. Во овие општини, членовите и симпатизерите на СДСМ ќе ја дадат својата поддршка на кандидатите на коишто најмногу им веруваат.
Филипче истакна дека во овие, како и во други општини каде што СДСМ нема реални шанси за победа поради мултинационалниот состав и присуството на други помоќни партии, одлуката е донесена со цел да се промени парадигмата. Со ова, партијата сака да им овозможи на своите членови, на нивно барање, да ги поддржат луѓето што сметаат дека имаат капацитет да ја водат општината според програмата и врз основа на личните познанства. Целта е, како што рече Филипче, да се почне да се размислува „надвор од политичката куќа“.
Во однос на прашањето зошто во Општина Илинден за градоначалник кандидира поранешен член на ВМРО-ДПМНЕ, Филипче нагласи дека СДСМ пред сè го става капацитетот на личноста.
„Тоа дали може да ја оствари програмата, колку сме контактибилни во овој момент, на тој дел какво разбирање има со луѓето со коишто утре ќе работат на кампањата, а тоа се членовите на СДСМ“,
рече Филипче.
Инаку, СДСМ од крајот на јуни досега објави повеќемина кандидати за градоначалници за претстојните локални избори. Дел од кандидатите се актуелни градоначалници, но има и нови имиња. Кандидат од СДСМ за градоначалник на Град Скопје е потпретседателката на партијата, Каја Шукова.
До крајниот рок за поднесување кандидатури, кој истече на 13 септември на полноќ, до ДИК се поднесени вкупно 312 листи на кандидати за градоначалници и 575 листи на кандидати за советници на општините и Градот Скопје.