Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, вели дека е разочаран од градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, по неговите изјави за состојбата со ковид-19 во земјава.
Османи вели дека на денот кога неговата партија Демократска унија за интеграција ги повика албанските партии да им се приклучат во кампањата за премиер Албанец, Таравари и неговата партија Алијанса за Албанците ја искористиле состојбата со ковид-19 да направат раздор.
„Длабоко сум разочаран од реакцијата на Таравари во име на неговата партија. На денот кога ги повикавме сите албански партии да се обединат и да постигнат заеднички сон, оваа партија одлучи да поттикне омраза и страв, користејќи не помалку од ковид-19, најлошата глобална пандемија во минатиот век како политички напад, како и кога пред извесно време посакаа Албанците да бидат заразени доколку не гласаат за нив. Дно, срамота, Албанците се чудат од вашиот морален компас“,
напиша Османи на Фејсбук.
Тој додава дека луѓето се попаметни и нема да гласаат за поделбата и омразата, туку за обединување на Албанците околу заедничката визија и цели.
Таравари утрово во телефонска изјава за Утрински брифинг рече дека состојбата со коронавирусот во земјава е загрижувачка и дека во Владата владее комплетен раздор.
„Ние сме веќе во втор бран. Ако ги анализирате бројките сите држави во регионот заедно имаат помал број на заразени отколку кај нас. Исто е и со морталитетот. Состојбата е многу загрижувачка и многу сериозно треба да му се пријде на проблемот и да се остават сите партиски обојувања. Во Владата имаме комплетен раздор, како да не е Влада, министерствата како да се како канцеларии на одредени политички партии. И ова e жално. Проблемот е навистина сериозен и треба заеднички конструктивно да најдеме решение“,
рече Таравари.
Тој подоцна на својот Фејсбук профил објави кампањско видео со фотографии од Али Ахмети и Бујар Османи на кое оди текст во кој се вели дека:
„Македонија е земја со најголем број смртни случаи во регионот. Бројот на заразени лица се зголемува секој ден и илјадници работни места се изгубени. Бизнисите банкротираат од лошо управуваната ситуација, а вирусот продолжува да се шири. Што направи нашата влада? Нема успех со погрешни решенија, тие се грижат за сопствените интереси, а не за здравјето на граѓаните“,
се вели во видеото.
