С.Ј. се товари за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а против ова решение од судот велат дека странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје донел решение за одземање на возачката дозвола на лицето С.Ј., осомничено за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, поврзано со сообраќајната несреќа што вчера после полноќ се случила во селото Марино во Општина Илинден.
ОЈО Скопје поднесе предлог за определување мерки за претпазливост против осомничениот, а судијата делумно го прифати предлогот одземајќи му ја возачката дозвола, велат од Кривичен.
С.Ј. се товари за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а против ова решение од судот велат дека странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд.
Од ОЈО Скопје вчера рекоа дека јавниот обвинител предложил да се определат мерки на претпазливост – привремено одземање патна исправа и на возачката дозвола.
Иако во информацијата од Кривичен наведени се само иницијали на лицето на кое му е одземена дозволата, станува збор за сообраќајна несреќа во која учествувал пратеникот на Левица од Гевгелија, Сашко Јанчев.
Несреќата се случила вчера во 00:50 часот помеѓу патничко возило „хјундаи тусон“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од 36-годишниот Јанчев и мопед управуван од 16-годишник од скопско Идризово.
Според МВР, во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле малолетникот и неговата 13-годишна сопатничка од населбата Илинден, констатирани во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Со телесни повреди се здобиле Јанчев и неговиот сопатник Х. М. (25) од Вевчани, констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“. По настанот остро реагираше Левица велејќи дека се појавиле многубројни дезинформации во врска со сообраќајната несреќа која, како што велат, била пријавена од нивниот пратеник Сашко Јанчев, а кои воопшто не одговараат со фактичката состојба на терен.