И двата пожари, како што оцени, биле тешки за гаснење. Изрази благодарност до скопските пожарникари и со сите други што учествувале во нивното справување
Пожарот што избувна во саботата во објект на фирма за електронски отпад во скопско Трубарево е целосно изгаснат, а драстично е подобрена и состојбата во депонијата „Дрисла“, соопшти попладнево директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, откако овие два пожари изминатиот викенд и цела недела предизвикаа делови од Скопје да бидат покриени со чад, но и во воздухот да се шири мирис на изгорена пластика.

Оцени дека овие пожари биле тешки за гаснење.
„Целата опожарена површина во Трубарево е затрупана со песок и земја. Утрово покажуваше на неколку места слабо чадење, но врз истото веднаш е дејствувано со специјална пена и со дозатрупување со земја, односно по потреба и со песок“,
рече тој.
На местото на пожарот, како што додаде тој, се останати дежурни екипи на скопската противпожарна бригада, која ќе интервенира доколку има потреба за тоа.
Според него, состојбата во депонијата „Дрисла“ е драстично подобрена додавајќи дека останува уште еден мал дел што чади да биде дозатрупан.
„На тој начин се целосно затворени двата пожари, и пожарот во Трубарево и во депонијата ‘Дрисла‘.
кажа директорот на ДЗС.
Изрази благодарност до скопските пожарникари и со сите други што учествувале во справувањето со овие пожари.
Пожарот во објект на фабрика за електронски отпад во скопско Трубарево избувна во саботата, а пожарот на депонија „Дрисла“ на 9 септември, по што истиот се разгоруваше и чадеше со денови.