Од опозициската партија повикуваат дека освен за пожарот во Трубарево, Јавното обвинителство треба да ја прошири истрагата и за пожарите во дивата депонија Вардариште и депонијата „Дрисла“
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и денеска го повтори ставот дека власта се крие зад измислени приказни за хибридни напади додека граѓаните дишат канцерогени материи по пожарите што изминатиот период избувнаа во околината на Скопје, од кои последниот завчера во фабрика за третирање електронски отпад во селото Трубарево.

„Македонија има неспособна власт која раскажува приказни додека горат депонии и фабрики, а граѓаните ја плаќаат цената со сопственото здравје. Над 500 илјади жители на Скопје и околината се задушуваат во отровен чад од пожарите во Трубарево, ‘Дрисла’ и Вардариште, а власта се крие зад измислени приказни за ‘хибридни напади’“,
се вели во денешната реакција од СДСМ.
Оттаму велат дека во врска со овие случи институциите реагирале задоцнето, односно дека не ги информирале граѓаните навремено со препораки како да се заштитат.
„Скопјани сè уште не знаат колкаво е загадувањето, дали е целосно безбедно, колкава количество токсичен отпад изгоре, колкава беше концентрацијата на отровни, корозивни и опасни материи за здравјето на луѓето?“,
наведуваат од опозициската партија.
Најодговорен за, како што ја нарекуваат, еколошката катастрофа што се случува со пожарите, вклучително и оние во депониите, кои според СДСМ се управувани од ВМРО-ДПМНЕ, е владата на премиерот Христијан Мицкоски.
Од опозициската партија бараат политичка и кривична одговорност за овие случаи и повикуваат дека освен за пожарот во Трубарево, Јавното обвинителство треба да ја прошири истрагата и за пожарите во дивата депонија Вардариште и депонијата „Дрисла“.
Оваа проширена истрага, како што велат социјалдемократите, треба да ги опфати сите актуелни раководни структури во време на пожарите кои, додаваат од партијата, дозволиле да се случи еколошка катастрофа со опасни здравствени последици.
За потсетување, пред две недели избувна пожар на дива депонија на локацијата Вардариште, а минатата недела стихија ја зафати депонијата „Дрисла“. Викендов, пак, во селото Трубарево, во фирмата „Ф-групација“ која се занимава со електронски отпад, избувна голем пожар, од кој се создаде голем облак од црн чад, кој беше видлив од цело Скопје и околината.

По пожарот, надлежните информираа дека нивото на радијација во воздухот не е зголемено, а се мери нивото на радијација во почвата и водата.
Надлежните информираа за високо загадување на воздухот во непосредна близина на пожарот, а Министерството за животна средина најави официјални мерења од акредитирани лаборатории на чии резултати и натаму се чека.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека пожарите што се случуваат во државата се организирани од центри на моќ од државата и надвор, за што, како што кажа, има информации од службите.
Според премиерот вакви, како што ги нарече, диверзии, ќе се случуваат и во периодот што следи, затоа што „има центри на моќ во државата, и надвор од неа, кои не сакаат оваа влада да успее.
„Тие ќе продолжат да подметнуваат, ќе продолжат да креираат, да лешинарат, а ние ќе продолжиме да работиме, да се бориме и на крај ќе победиме“,
изјави вчера Мицкоски во одговор на новинарско прашање во Трубарево.
И Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, вчера изјави оти останува на ставот дека избувнувањето на пожарите не е случајност и дека се работи за хибриден напад на Владата.