Четирите лица, како што додаваат од Основниот кривичен суд Скопје, се осомничени за кривичното дело од член 230 став 3, а во врска со став 1 од Кривичниот законик (КЗ), односно загрозување на животната средина и природата со отпад
Краткотраен притвор од 48 часа им е одреден на четири лица, кои доцна синоќа беа спроведени во Основниот кривичен суд Скопје, а во врска со пожарот кој завчера попладне избувна во објект на фирма за електронски отпад во скопското село Трубарево.

Притворот е определен од страна на судија на претходна постапка при овој суд, а на предлог на Основното јавно обвинителство Скопје.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на ОЈО Скопје за определување краткотраен притвор за 4 лица, кои доцна синоќа беа спроведени во судот а поврзани со пожарот кој на 13.09.2025 година се случи во Трубарево – Скопје, донесе решенија со кои го прифати предлогот и на: В.М., З.С., М.Д. и Л.Д. им определи мерка притвор во траење од 48 часа“,
се наведува во соопштението од скопскиот Кривичен суд.
Четирите лица, како што додаваат оттаму, се осомничени за кривичното дело од член 230 став 3, а во врска со став 1 од Кривичниот законик (КЗ), односно загрозување на животната средина и природата со отпад.
Од Основното јавно обвинителство Скопје вчера соопштија дека отворило постапка против четири лица поради основано сомнение дека со заеднички дејствија учествувале во извршување на кривичното дело.
Според Обвинителството станува збор за 56-годишен управител и сопственик на две правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишник во својство на раководител на подружница и еден 59-годишник вработен во правно лице.
Нивните конкретни дејствија, како што велат од скопското Основно јавно обвинителство, и понатаму се испитуваат, а се испитува и потенцијална одговорност и на други лица.
„Јавниот обвинител издаде повеќе наредби за обезбедување докази по кои сè уште постапуваат надлежните органи, а се очекуваат и резултатите од извршените мерења на загадувањето од Министерството за животна средина“,
соопштија вчера од ОЈО Скопје.
Завчера во фирмата „Ф-групација“ во скопско Трубарево, која се занимава со електронски отпад, избувна голем пожар. Се создаде голем облак од црн чад, кој беше видлив од цело Скопје и околината.

По пожарот, надлежните информираа дека нивото на радијација во воздухот не е зголемено, а се мери нивото на радијација во почвата и водата.
Беше информирано и дека има високо загадување на воздухот во непосредна близина на пожарот, а Министерството за животна средина најави официјални мерења од акредитирани лаборатории на чии резултати и натаму се чека.
Синоќа од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) информираа дека на местото на пожарот и натаму има слабо чадење.