Министерството за здравство формира кризен штаб по пожарот, направени се протоколи, а претходно објавените препораки од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) остануваат да важат, додаде Алиу

Надвор од животна опасност се четирите лица кои побарале помош по пожарот што избувна вчера во складиште за рециклирање отпад во скопско Трубарево. На Клиниката за токсикологија е хоспитализирана жителка на Трубарево, а другите три лица (припадник на Армијата, директорот на Центарот за управување со кризи и полицаец), веќе се пуштени на домашно лекување, информира денеска министерот за здравство Азир Алиу.
Кај хоспитализираната пациентка, која е со коморбидитети, се прават дополнителни анализи, се третира соодветно и Алиу се надева дека бргу и таа ќе биде пуштена дома.
Министерството за здравство формира кризен штаб по пожарот, направени се протоколи, а претходно објавените препораки од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) остануваат да важат, додаде Алиу.
Министерот најави дека Владата попладне на онлајн седница ќе донесе одлука учениците од училиштата во неспосредна близина на локацијата на пожарот една недела да следат настава онлајн.
Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, соопшти дека според мониторингот што го прават тие, нема отстапки од параметрите за радијација во воздухот. Во текот на денов ќе се направат дополнителни анализи, ќе се проверат почвата и водата во погодените места, рече Андоновска.
Таа апелираше да се следат дадените препораки, кои, како што рече, се во согласност со сите светски стандарди и колку и да изгледаат едноставни и обични, доколку се почитуваат, особено од граѓаните од ранливите групи, со коморбидитети, хронични заболувања, бремените жени и децата, можат да придонесат да нема здравствени проблеми.