„Загрижувачки се дел од информациите што пристигнуваат, а тоа е дека горат литиумски батерии и друг отпад кој е исклучително опасен. Во исчекување на официјални податоци, препорачувам граѓаните во Трубарево и околните населби да носат маски, да не престојуваат на отворено без итна потреба и да земаат антиоксиданси за превенција. Апелирам до властите дека е крајно неодговорно да се молчи во вакви случаи“, напиша Филипче на Фејсбук

Институциите итно мора да излезат со точни податоци дали и колку е загаден воздухот во и околината на Трубарево, повика лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, во објава на Фејсбук откако денеска избувна пожар во фирмата „Ф-групација“ во скопско Трубарево која се занимава со електронски отпад.
Филипче додаде дека страшен е молкот и доцнењето во препораките, особено од здравствените власти.
„Загрижувачки се дел од информациите што пристигнуваат, а тоа е дека горат литиумски батерии и друг отпад кој е исклучително опасен. Во исчекување на официјални податоци, препорачувам граѓаните во Трубарево и околните населби да носат маски, да не престојуваат на отворено без итна потреба и да земаат антиоксиданси за превенција. Апелирам до властите дека е крајно неодговорно да се молчи во вакви случаи. Исто така, крајно е неодговорно, наместо решенија, одговорните да измислуваат приказни за хибридни напади, политички потпалени пожари и слично. Ова е надвор од секој здрав разум, наместо решенија, се нудат политички оправдувања и спинови“,
напиша Филипче.
Претходно од владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека опозициските партии СДСМ и ДУИ ги палат скопските депонии.
„Злосторничкото здружение ДУИ–СДС, не можејќи да го прифати фактот дека се поразени и дека граѓаните ја враќаат државата на прав пат, прибегнува кон најопасни и криминални методи. Наместо политики, подметнуваат чад и отров палејќи ги скопските депонии“,
обвини ВМРО-ДПМНЕ.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, изјави оти смета дека пожарот што денеска избувна во скопско Трубарево е подметнат и дека државата е цел на хибриден напад.
„Според мене, ова е хибриден напад врз државата бидејќи да се случат олку тешки пожари што предизвикуваат големо загадување на воздухот во главниот град, ќе потсетам најпрво депонијата ‘Вардариште’, потоа депонијата ‘Дрисла’, вчера депонијата во Шутка, денес оваа фабрика зад мене. Значи, се работи за намерно подметнат пожар, ние сме мета на хибриден напад, за мотивите може само да погодуваме“,
изјави Ангелов.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во претходната своја објава на Фејсбук напиша дека состојбата апсолутно излегува од контрола и сподели фотографии од пожарот во Трубарево.
Тој напиша дека за неколку дена изгореле две фабрики и обвини дека две недели власта не може да ги изгасне пожарите во депониите „Дрисла“ и „Вардариште“.