Од Федералното истражно биро ги повикуваат граѓаните кои имаат информации да се јават на посебен телефонски број или да испратат фотографии и видеа преку интернет
Американското Федерално истражно биро (ФБИ) објави дека нуди награда од 100 000 долари за информации што ќе доведат до идентификување и апсење на лицето или лицата одговорни за убиството на десничарскиот активист Чарли Кирк, еден од верните сојузници на претседателот на САД, Доналд Трамп.

Претходно денеска ФБИ објави фотографии од лице за кое се верува дека e осомничниот што вчера смртно го застрела Кирк во капусот на Унивезитетот во Јута Вали.
Од Федералното истражно биро ги повикуваат граѓаните кои имаат информации да се јават на посебен телефонски број или да испратат фотографии и видеа преку интернет.
The FBI is offering a reward of up to $100,000 for information leading to the identification and arrest of the individual(s) responsible for the murder of Charlie Kirk on September 10, 2025, at Utah Valley University in Orem, Utah. Contact 1-800-CALL-FBI and submit photos and…
— FBI (@FBI) September 11, 2025
Денеска специјалниот агент на ФБИ, Роберт Болс, изјави дека е пронајдено оружјето за кое веруваат дека било користено во вчерашното пукање.
Од службата подоцна за Си-би-ес потврдија дека станува збор за увезена пушка на репетирање „Муазер“ (Mauser).
Како што беше соопштено дополнително, истражителите на местото на настанот пронашле и отпечаток од чевел, отпечаток од дланка и отпечаток од подлактица.
Во меѓувреме, неименувани функционери за Си-би-ес њуз потврдиле дека телото на Кирк ќе биде пренесено во Аризона, неговата матична држава, со авионот „Ер форс ту“ (Air Force Two), што го користи потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс.
„Потпретседателот Џеј-Ди Венс во четвртокот долета во Солт Лејк Сити за да го земе ковчегот на Кирк и да го однесе до Феникс, каде што живее неговото семејство, со потпретседателскиот авион“,
изјавиле официјалните приставници за телевизијата.
Во меѓувреме поддржувачите на Кирк низ САД, но и во други земји во светот организираат бдеења на кои се опростуваат од десничарскиот активист.
Цвеќиња и балони се положуваат и пред седиштето на неговата организација, „Турнинг Поинт Ју-ес-еј“ (Turning Point USA).

Во Мадрид, како што пренесуваат медиумите, луѓе се собраа пред амбасадата на САД, палејќи свеќи и држејќи транспаренти со ликот на конзервативниот активист.
Во меѓувреме, повеќе од сто луѓе се собраа во Берлин на бдение, вклучувајќи ја и Беатрикс фон Шторх, истакната членка на екстремно десничарската партија АфД, објави Ројтерс.
Од друга страна, Европскиот парламент за време на денешното заседание во Стразбур го одби барањето на европратеникот Чарли Вајмерс од десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), европратениците со едноминутен молк да му изразат почит на Чарли Кирк.
„Убиството на политичкиот активист Чарли Кирк, сопруг, грижлив татко и патриот, го шокираше светот. Мораме силно да го осудиме политичкото насилство и реториката што поттикнува насилството. Ве молам, станете со мене во знак на почит и за молитва во негова чест. Остатокот од моето време го посветувам на едноминутниот молк“,
изјави Вајмерс.
Меѓутоа, тој беше прекинат од потпретседателката на ЕП, Катарина Барли, кој во тој момент претседаваше со седницата, а која посочи дека претседателката на Парламентот, Роберта Мецола веќе одбила предлог денешното заседание да започне со минута молк за Кирк.
Ваквата изјава на Барли наиде на негодување на пратениците од редовите на десничарските и екстремно десничарските групи, кои со дланките удираа по пратеничките клупи и викаа.
„Веќе разговаравме за ова и знаете дека претседателката рече ‘не’ за едноминутен молк“,
рече Барли како одговор на реакцијата на европратениците, за што доби аплауз од претставниците на центристичките и левичарските групи.

За време на денешната редовна прес-конференција во Европската комисија (ЕК), главната портпаролка на Комисијата, Паула Пињо во одговор на новинарско прашање за ставот на ЕУ за атентатот врз Чарли Кирк, кусо изјави дека Европската Унија ги осудува сите форми на насилство и се надева на изведување на сторителите пред лицето на правдата.
„Она што можам да кажам и во име на претседателката Урсула фон дер Лајен, е дека Европската Унија ги осудува сите форми на насилство и им изразуваме искрено сочувство на семејствата на жртвите од овој трагичен инцидент. Се надеваме дека сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата“,
рече Пињо.