„Од надзорот е изготвен записник, а ќе бидат земени и примероци од подземни води и почва од страна на акредитирана лабораторија за животна средина. ЈП ‘Дрисла’ достави и извештај од мониторинг-станицата за квалитет на воздухот. Инспекциската постапка е во тек и се следат сите мерки за евалуација на влијанието и отстранување на последиците од пожарот“, се вели во соопштението на Министерството за животна средина и просторно планирање за вонредниот инспекциски надзор во „Дрисла“
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), со кое раководи првиот вицепремиер Изет Меџити, денеска соопшти дека пред два дена, односно на 9 септември, Инспекторатот за животна средина извршил вонреден инспекциски надзор во депонијата „Дрисла“ и дека е изготвен извештај кој е доставен до Министерството.

Вонредниот инспекциски надзор поради пожарот што избувна на депонијата и сè уште е активен, како што се наведува во соопштението од Министерството, бил извршен по пријава од Полициската станица Гази Баба. Во него учествувале овластени инспектори од Секторот за внатрешни работи (СВР Скопје), а на местото биле присутни директорот на Јавното претпријатие „Дрисла“, надлежно лице за животна средина и други вработени во претпријатието.
„Во доцните попладневни часови, околу 15:15 часот, државниот Инспекторат за животна средина изврши вонреден инспекциски надзор поради пожар кој избувна на поранешната депонија за комунален отпад „Дрисла“, по пријава од Полициската станица Гази Баба. На лице место се врши гаснење на опожарениот дел со сопствена механизација и средства на ЈП ‘Дрисла’, како и со повеќе противпожарни возила и возила на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Инспекцискиот надзор го извршија овластени инспектори од СВР Скопје ЕЕКК, а присутни беа и директорот на ЈП ‘Дрисла’, надлежно лице за животна средина и други вработени во јавната установа“,
се наведува во соопштението.
Од Министерството додаваат дека во согласност со дозволата А-ИСКЗ, која ја поседува ЈП „Дрисла“, бил изготвен извештај во врска со настанот и преку електронска пошта испратен до Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина.
„Од надзорот е изготвен записник, а ќе бидат земени и примероци од подземни води и почва од страна на акредитирана лабораторија за животна средина. ЈП ‘Дрисла’ достави и извештај од мониторинг-станицата за квалитет на воздухот. Инспекциската постапка е во тек и се следат сите мерки за евалуација на влијанието и отстранување на последиците од пожарот“,
се вели во соопштението.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање, попладнево, исто така информираат дека е донесена мерка за забрана за движење на територија на дивата депонија Вардариште.
Како што велат оттаму, станува збор за итна мерка донесена во насока за справување со пожарот кој пред повеќе од десет дена избувна на Вардариште.
Одлуката, се додава, била донесена од страна на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи на денешната седма седница.
Заклучоците од седницата и биле доставени на Владата, која ги усвоила.
„Овие заклучоци се во насока на заштита на животната средина и безбедноста на граѓаните, како и превентивно управување со потенцијални кризни ситуации од ваков тип. Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи будно ја следи целата ситуација во и и околу Вардариште и ќе биде вклучена сè до трајно решение на овој проблем, за што бара трпение од засегнатите граѓани“,
се наведува во соопштението.

За состојбата со пожарот во депонијата „Дрисла“ денеска на прес-конференција информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов. Тој рече дека на депонијата сè уште има големо чадење, но поради ветерот кој денеска е поволен и дува спротивно од Скопје, овој чад не се чувства во градот.
Тој кажа дека на затрупувањето на делот на „Дрисла“, каде што има големо чадење, вчера и денеска работат два багери, еден булдожер и два големи товарни камиони со кои се носи земја. Таа земја, вели Ангелов, се истура на врвот на депонијата и со булдожери се турка до местото каде што гори.
Ангелов соопшти и дека денеска на терен е пуштен еден „ертрактор“ кој со користење посебна пена ќе се обиде да ја ублажи состојбата.
Во однос на депонијата Вардариште, која гори повеќе од десетина дена, Ангелов рече дека денеска таму ситуацијата е смирена и нема никакво горење, ниту има чадење.
Ангелов кажа и дека во Вардариште веќе се присутни екипи на агенција за обезбедување, кои патролираат околу неа. Тој не сакаше да го каже името на агенцијата, но рече дека станува збор за општествено одговорна компанија и оти услугата што ја даваат Владата нема да ја чини ниту денар.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите најави дебата во врска со планот за јавно-приватно партнерство за депонијата „Дрисла“ откако неговата вчерашна изјава наиде на критики кај граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“. Тој смета дека дебата е неопходна пред да се донесе каква било одлука.