Главниот град и денеска со најголем број новозаболени од ковид-19, вкупно 63, а од скопските општини Чаир предничи според бројот на активни случаи заразени од коронавирусот – 152, покажува најновата статистика на Министерството за здравство.
Во билансот за состојбата со ковид-19, што денеска го објави Министерството, регистрирани се 111 новозаболени, а соопштени се и бројките на активни случаи во Скопско, заклучно со вчера.
По Чаир со 152 активни случаи, на второ место е Бутел со 59 активни случаи, трета е Гази Баба со 58, во Аеродром има 53, во Сарај и Центар по 52.
Во Карпош се регистрирани 40 активни случаи, во Кисела Вода 29, во Арачиново 23, во Студеничани 18, во Ѓорче Петров и Илинден по 17, во Шуто Оризари 12, во Петровец шест, во Чучер Сандево три, во Сопиште два, а за еден случај сè уште се утврдува од која општина е.
Со денешниот биланс вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 3 025, бројката на оздравени пациенти е 1 646, на починати е 153, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 1 226.
