Јулија Мациевска на денешното рочиште од судскиот процес за „Онкологија“ рече дека веднаш откако на нејзината ќерка почнала да ѝ се влошува состојбата, реагирала кај обвинетиот доктор Васев, но тој продолжил со давање имунотерапии. Според нејзиното сведочење, тој велел дека тоа е најприродна биолошка терапија и дека ќе продолжат со овие терапии превентивно
Со искази на сведоци на Обвинителството денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судскиот процес против поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, и двајца онколози, обвинети за несовесно лекување пациенти.

На пултот за сведоци денеска застана Јулија Мациевска, мајка на починатата Адријана Начевска.
Одговарајќи на прашања на Обвинителството, таа раскажа низ што сè поминала нејзината ќерка откако започнала со лекувањето на Клиниката за онкологија пред пет години, односно во септември 2020 година.
Мациевска сведочеше дека пред да почне со примање на терапијата, на нејзината ќерка ѝ била направена само крвна слика, но никогаш не ѝ била измерена телесната тежина, пренесе МИА.
Прашана кога првпат забележала дека на нејзината ќерка ѝ се влошува здравствената состојба, кажа дека тоа се случило откако почнала со примање на имунотерапии.
Таа кажа дека Адријана Начевска имала тешки состојби уште додека ги примала хемотерапиите, но успеала да ги преброди. Состојбата ѝ се подобрила, но така било сè додека не почнале третманите со имунотерапии.
„Додека ги примаше хемотерапиите, имаше навистина тешки состојби, буквално експлозија на организмот. На Адријана никогаш не ѝ беше измерена телесна тежина, сега прочитав дека тоа морало да се направи. Секако дека јас алармирав за состојбата, бидејќи имав телефон и од Нино и од Мери, но одговорите беа дека тоа е нормално после секоја терапија и дека ќе ѝ помине. Адријана толку многу веруваше што кога ќе отидевме на Онкологија, ние во доктор Нино гледавме Господ. Не можам да кажам дека тие на почетокот не беа љубезни. Ги истуркавме хемотерапиите некако и таа се крена, дури спреми цела изложба, сѐ додека не почнаа тие имунотерапии“,
рече Мациевска.
Со секоја следна имунотерапија, како што кажа таа, симптомите биле сè поизразени. Рече дека реагирала кај Васев, но тој продолжил со давање имунотерапии. Според Мациевска, тој велел дека тоа е најприродна биолошка терапија и дека ќе продолжат со овие терапии превентивно.
Дека состојбата на нејзината ќерка е сериозно влошена, на Мациевска ѝ кажале кога првпат отишле на Клиниката за гастроентерохепатологија. Таму ѝ било посочено дека нејзиното дете има вештачки метастази, кои се последица на неадекватна терапија.
„Уште по првата терапија Адријана имаше реакција којашто не беше добра, им кажав дека не е добра. Со секоја следна, симптомите ѝ беа и тоа како силни. Јас реагирав постојано дека мора да се прекине со тие имунотерапии…Кога првпат отидовме на Гастро, докторот таму ми вика ‘дали вие знаете каква е состојбата на вашето дете, таа не е добро, црниот дроб е оштетен и има вештачки метастази од неадекватна терапија’“,
рече во своето сведочење Мациевска.
Таа во исказот говореше и за карактерните особини на обвинетиот доктор Васев. Рече дека за време на лекувањето таа и нејзината ќерка положувале силна доверба во него.
„Нино Васев има една црта што изгледа ноншалантно и авторитетот го наметнува на свој начин, а кога ќе сака да си ја тргне одговорноста, прави шеги и ќе ти го одвлече вниманието. На почетокот верувавме, но како мајка која е многу свесна, едноставно јас го прашувам нешто сериозно, а тој го одбегнува моето прашање. Моето дете сакаше и веруваше дека ќе биде добра. Од оваа дистанца, Нино Васев мртов ладен се слика со нас, ни кажува вицови за некоја плавуша во Драчево, но тоа мене не ме интересира кога детето ми е болно и во лоша здравствена состојба. Последната недела кога се боревме, ги немаше никаде и Нино и Мери“,
рече мајката на Адријана Начевска.
Таа во судницата изјави дека нејзината ќерка не починала од канцер на дојка, туку ја убиле, како што кажа, со хемии.
„Мене пари не ми требаат, јас го изгубив моето дете, ќе бараме материјална отштета и ќе ја донирам. Се приклучувам и кон кривичниот прогон, затоа што знаел што прави, но некаде по пат ја изгубил човечноста“,
рече Мациевска.
Бранителот на првообвинетиот ексдиректор на Онкологија, Нино Васев, адвокатот Никола Ставрев, по завршувањето на денешното рочиште, во изјава за медиумите, рече оти смета дека сослушувањето на законските застапници на оштетените е нецелисходно. Според адвокатот, тоа е единствениот начин на кој Јавното обвинителство може да прикаже нешто во судската постапка за овој предмет.
Адвокатот Ставрев изјави и дека медицинските докази кои Обвинителството ги приложува во постапката се вештачења направени во Словенија од, како што рече, вешто лице, кое во суштина не е тоа, туку обичен доктор онколог.
„Во однос на стручноста, не е квалификуван да дава наводи во судска постапка“,
рече Ставрев.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со денешното сведочење дека од терапијата што била давана од Васев на пациенти на Онкологија им се влошувала здравствената состојба, адвокатот кусо одговори оти смета дека тоа не е точно и дека на вакви тврдења сведоците се наведени од Јавното обвинителство.
Денешното рочиште продолжи без второобвинетета Мери Пешевска, која на претходното призна вина.
Од друга страна, Васев и двајца обвинети онколози, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, сите вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија, на минатото рочиште пред Судот негираа вина.
Васев на рочиштето на 5 септември пред Судот рече дека не се чувствува виновен и реагираше дека се дозволило во постапката вешто лице што тој го сменил од директор на Клиниката во 2017 година. Според неговата одбрана, пак, против Васев се води „некој вид заговор“ и најави дека во целост ќе се спротивстават и ќе ги побијат доказите на Обвинителството преку основани и цврсти докази, вклучително и вештачења и вербално сослушување на докторите од Србија и од Словенија, кои ги изработиле вештачењата на Обвинителството.
Судскиот процес го води судијката Снежана Марковска.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба.
Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службената положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.