Израелската војска (ИДФ) нареди дека палестинските цивили во сите делови од градот Газа мора веднаш да се евакуираат пред да се случи голема копнена офанзива против Хамас во тој регион
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека Појасот Газа ќе биде срамнет со земја доколку Хамас не се предаде и не ги ослободи заложниците што ги држи речиси две години.

„Доколку терористите на Хамас не го положат оружјето и не ги ослободат сите заложници, тие ќе бидат уништени, а Газа ќе биде срамнета со земја“,
вели Кац во објава на социјалната мрежа Икс.
Израелската војска (ИДФ) нареди дека палестинските цивили во сите делови од градот Газа мора веднаш да се евакуираат пред да се случи голема копнена офанзива против Хамас во тој регион.
Нетанјаху, пак, информира дека околу 100 000 жители веќе ја напуштиле Газа, најголемиот град на палестинската територија.
Ова предупредување е првата ваква наредба што се однесува за евакуација на целиот град Газа, бидејќи претходните се однесуваа само за одредени згради и нивната околина.
„ИДФ е решена да го победи Хамас и ќе дејствува во областа на градот Газа со голема сила, исто како што правеше низ целиот Појас“,
рече полковникот Авичај Адреи, портпарол на ИДФ.
Во текот на изминатите неколку дена, војската изврши повеќекратни напади врз згради во Газа, за кои тврди дека ги користи Хамас за спроведување операции против израелските трупи.
„Триесет високи згради што се користеа за терористички активности се нападнати и уништени, а дополнителни цели се бомбардирани, со цел да се отвори патот за копнените сили“,
вели Кац.
Според него, израелската армија ги продолжува своите операции и се подготвува да ги прошири своите маневри за освојување на Газа.
Според неодамнешните проценки на ОН, речиси милион луѓе сè уште живеат во градот и неговата околина.
Во неделата, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека го издал последно предупредување до палестинското движење Хамас да ги ослободи израелските заложници од Појасот Газа.