Интензивна дезинфекција на улиците, јавните површини и станбените објекти ќе следува во Охрид по завршувањето на продолжениот викенд, заради заштита од ширењето на коронавирусот, велат од кризниот штаб на општината за СДК.мк.
Викендов во Охрид има околу 5 000 гости, главно од Скопје, Тетово, Куманово, каде е во тек тридневниот полициски час, но и од други градови. Сместени се во викенд-станови и во куќи на охриѓани.
Во Охрид, каде полицискиот час викендов е секој ден од 16 до 5 часот, досега има 31 заболен од коронавирус, а вчера беа регистрирани пет новозаболени.
Поради зголемениот број посетители во Охрид, инспекциските служби вршеа и интензивни контроли. Државниот пазарен инспекторат во моментот е со засилен надзор на правни субјекти на охридското крајбрежје, а контроли се вршат со полициска асистенција со цел да обезбеди максимално почитување на мерките и протоколите за заштита од ковид-19.
Како што соопшти денеска во Охрид раководителката на инспекциски надзор, Мери Проја Продановска, инспекциските служби вршеле контроли на угостителските и сместувачките капацитети за време на продолжениот викенд во Охрид, Струга, но и во останатите туристички места низ државата.
„Од петокот досега се утврдени 22 непочитувања на владините мерки од страна на категоризираните сместувачки и угостителски објекти и врз основа на членовите 205 и 206 од уредбата за нив ќе бидат поднесени кривични пријави“,
рече Проја Продановска.
Таа истакна дека најголемиот дел од прекршувањата – 8 се во Охрид, 4 во Струга, 5 во Битола, 3 во Дојран, и по едно во Маврово и во Кочани.
