Претходно, од Обвинителството соопштија дека не може да почне увидот на локацијата оти пожарот не е целосно изгаснат. Посочија дека јавен обвинител издава наредби и насоки за други дејствија, за целосно да се испита настанот

Пожарот во фабриката за кандирани производи и вафли „Макпрогрес“ во Виница, позната по брендот „Винчини“, и по 27 часа од избувнувањето сè уште е активен на две места со помал интензитет и според надлежните служби нема ризик за дополнително проширување, соопштија од компанијата.
Оттаму велат дека е изгорен производен погон со три автоматизирани линии за производство на наполитанки, вафел-барови и тортички, заедно со два магацини, од кои еден за суровини и еден за готови производи.
„Вчерашниот ден беше еден од најтешките денови кои сме ги доживеале. Најважно за сите нас е дека немаше човечки жртви – сите наши вработени се безбедно евакуирани, како и дека нема жртви кај противпожарните служби кои храбро го гаснеа пожарот во текот на целата ноќ. Денеска тим од ‘Макпрогрес’ ги посети хоспитализираните во болниците во Кочани и Скопје и им посака брзо закрепнување. На сите сили кои учествуваа во справувањето и гасењето на пожарот им упатуваме огромна благодарност за нивната храброст и пожртвуваност“,
велат од „Макпрогрес“.
Оттаму апелираат да се почекаат официјалните наоди и додаваат дека надлежните институции веќе работат на проценки за причините и последиците од пожарот. Најавуваат и обновување на фабриката.
„’Макпрогрес’ останува посветен на своите вработени, партнери и заедницата. Фабриката ‘Винчини’ ќе ја обновиме, имаме кадар и знаење за тоа. И тоа пак во Виница. Но, потребно ни е време за тоа, време во кое ќе мораме да направиме план за консолидација на производните линии кои останаа во функција, а со крајна цел сите вработени кои физички ги изгубија своите работни позиции да ги прераспоредиме на други производни линии и да успееме да ги задржиме сите вработени на работа“,
се вели во соопштението.
Претходно денеска, од Обвинителството соопштија дека не можат да почнат со увид на локацијата оти пожарот не е целосно изгаснат, но посочија дека јавен обвинител издава наредби и насоки за други дејствија за целосно испитување на настанот.
Министерството за здравство соопшти дека се хоспитализирани 13 лица, но и дека сите се во добра здравствена состојба.
Осум лица, вработени во фабриката, се наоѓаат на Клиниката за токсикологија во Скопје, една пожарникарка била хоспитализирана во Клиничката болница во Штип, а четворица пожарникари во Општата болница во Кочани.
Вчера, од кочанската болница кажаа дека дел од повредените имаат изгореници на нозете, а дел инхалациони повреди од вдишување чад.
Огнот во фабриката го гаснеа бројни противпожарни екипи од територијалните противпожарни единици на Виница, Македонска Каменица, Делчево, Кочани, Пробиштип, Штип, Струмица, Кавадарци и Велес.
Од компанијата најавија дека во следните денови посебно ќе се заблагодарат на сите кои учествувале во интервенцијата.
„Солидарноста која ја видовме вчера и денес уште еднаш потврди дека Македонија знае да застане заедно кога е најтешко“,
велат оттаму.