Владејачката партија СДСМ, обвинуваат дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е лицемерен и дека лажно се грижи за здравјето на граѓаните.
„Од една страна на граѓаните се обидува да им продаде лажна загриженост за здравјето, а од друга страна вели дека не ги знае протоколите за однесување за време на корона-кризата. Мицкоски од континуиран непочитувач на мерките за заштита од ковид-19, кои ги прекрши со одење во затворена теретана, групно качување на Водно, сега со ‘тајната вечера’ на Боемска стана и сторител на кривични дела“,
велат од СДСМ.
Според нив, правдањето оти не знаел дека не смее да седи во внатрешност на угостителски објект не го намалува кривичното дело.
„Вториот момент за кривично дело е дека инспектори, службени лица се спречени во извршување на својата службена должност и 2 часа не биле пуштени да влезат во внатрешноста на угостителски објект само и единствено затоа што таму седел Христијан Мицкоски со неговото друштво, и тоа е кривично дело. Ова не е така едноставно Христијан Мицкоски да каже направив грешка и сега ќе платам казна и тоа е тоа. Во неговото прекршување на мерките и неговата одбрана сторени се серија тешки дела кои мора да добијат разрешница“,
велат од СДСМ.
