„Најавата за целосна декласификација предизвика нервоза кај оние кои сакаа да се претстават како жртви, затоа што ќе бидат објавени информации кои можеби нема да им се допаднат. Ние велиме , сакаме сè да биде објавено за граѓаните да добијат одговори“, рече пратеничката на СДСМ во вечерашното гостување во централниот Дневник на ТВ Сител
Пратеничката на опозицискиот СДСМ, Славјанка Петровска вели дека барањето на нејзината партија за целосна декласификација на документите во врска со наводите за прислушување во периодот од 2019 до 2024 година, предизвикале нервоза кај власта.

Според Петровска, во целиот случај власта сакала да се претстави како жртва, но паднала во сопствената замка.
„Приоритет е целосна декласификација на документите за да се обезбеди транспарентност и граѓаните да добијат одговори на стотиците прашања што се поставени. Најавата за целосна декласификација предизвика нервоза кај оние кои сакаа да се претстават како жртви, затоа што ќе бидат објавени информации кои можеби нема да им се допаднат. Ние велиме , сакаме сè да биде објавено за граѓаните да добијат одговори. Декласификацијата ќе даде одговор на сите прашања и можеби ќе ги демантира сомнежите“,
рече Петровска во вечерашното гостување во централниот Дневник на ТВ Сител.
Таа во интервјуто се осврна и на тоа што на претседателот на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за разузнавање (АР) и на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Скендер Реџепи досега не му е издаден безбедносен сертификат.
Оваа ситуација, како што рече Петровска, создава сериозни прашања за законското функционирање на надзорот врз двете агенции.
Во таа насока, пратеничката на СДСМ кажа дека Реџепи поднел барање за сертификат кон крајот на минатата година. Ова, како што посочи, значи дека шестмесечниот законски рок за добивање одговор е одамна надминат.
Петровска додаде и дека неколку пати биле закажувани и откажувани седници со кои требало да претседава таа, а потоа Реџепи сам ја закажал седницата, создавајќи лош впечаток за работата на Собранието и за политичките партии.
Вчера, спикерот Африм Гаши, ја закажа, па ја одложи седницата на Комисијата, на која требаше да се расправа во врска со наводите за незаконско прислушување во периодот од 2019 до 2024 година, а со која требаше да претседава пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, која е член на ова работно тело.
„Надзорот мора да биде јавен, пред медиумите и граѓаните, со одговорност од сите. АНБ не е сопственост на ниту една партија, туку е столб на државата. И покрај недостатоците, таа институција придонесе Северна Македонија да стане членка на НАТО. Реформите мора да продолжат, но на вистински начин, со вклучување на експерти, академската заедница и невладини организации“,
рече Петровска.
Таа додаде и дека Собранието нема истражна функција и оти пратениците мора да внимаваат да не ја попречуваат предистрагата, што за наводите за незаконско прислушување ја води Основното јавно обвинителство за гонење на ораганзиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Инаку, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ и денеска продолжија со меѓусебните препукувања во врска со наводите за прислушувањето.
Опозициската партија продолжи со серијата прес-конференции насловени „Вистината за АНБ“ од кои обвинува дека власта одбива да ги декласифицира документите кои би требало да го потврдат случајот со наводното следење на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Од партијата денеска, меѓу другото, прашаа и дали премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ се плаши од содржината на овие документи кои доколку се декласифицираат ќе покажат, како што наведоа од СДСМ, неговите врски со странски служби од непријателски држави.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврди дека и партискиот лидер Христијан Мицкоски бил таргет, а дел од функционерите од оваа партија скандалот го израмнија со обид за државен удар.
Пратеникот Бране Петрушевски денеска од партиската говорница порача дека СДСМ се заплеткале во приказната и дека сега се обидуваат да наметнат наративи за материјалите.

Поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, останува на тврдењето дека за време на неговиот директорски мандат тогашниот лидер на опозицијата и актуелен премиер Христијан Мицкоски не бил прислушуван и следен. Димовски ја даде изјавата во интервју за „360 степени“ што е прв ваков негов јавен настап по брифингот во АНБ од 29 август година на кој беше соопштено дека Агенцијата доставила три известувања до јавното обвинителство за еден поранешен директор и група вработени поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување.
Во интервјуто кое интегрално ќе го објавиме утре, Димовски го прашуваме и за наводите дека предмет на оперативна обработка биле министер во тогашната влада, јавен обвинител, медиуми, новинари, бизнисмени… Разговараме и за случајот со пратеникот за чија безбедносна проверка се тврди дека била чувана во фиока во постапка за добивање безбедносен сертификат, како и за најавената надзорна посета на АНБ од надлежната собраниска комисија.