Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и денеска преку видео-порака на Фејсбук ја продолжи промоцијата на идејата дека е време во Македонија да има премиер Албанец.
„Дојде време пријатели, да се обединиме, затоа што кога сме обединети се е можно, како што бевме обединети во ОНА за време на војната или при изборот на првиот Албанец Претседател на Собранието, зачленувањето во НАТО и отпочнувањето на преговори за членство во Европската Унија. Време е, ’Албанец Премиер‘,
напиша Ахмети како образложение на споделеното видео.
Од друга страна, пак, поранешниот политички затвореник, Шпетим Положани, оваа идеја на Ахмети ја оцени како инфантилна и несериозна.
Според него, Ахмети кој со години не е фактор за консензус меѓу Албанците, уште помалку ќе најде поддршка за таков став кај Македонците.
„Ова е инфантилна и многу несериозна изјава. Пред да се каже такво нешто, потребен е консензус меѓу Албанците, а потоа да се даде таква изјава. Но, ова не држи вода ако се земат предвид односите на партиите на Албанците едни со други“,
вели за Алсат, Шпетим Положани, претседател на Здружението на политички затвореници.
Аналитичарот Арсим Синани во изјава за Алсат, оцени дека идејата на Ахмети е чудна и претставува обид за спас.
„Оваа идеја е колку да се преживее политички, затоа што на тој начин мисли дека ќе може да се спаси и да освои уште еден мандат. Не верувам дека Ахмети во својата кариера ќе доживее премиер Албанец затоа што мислам дека тој наскоро ќе замине во пензија. Тоа ќе му го забрза и ковид-19 затоа што граѓаните видоа дека тој не е способен на граѓаните да им гарантира ниту здравје“,
вели Синани.
Идејата на ДУИ за премиер Албанец беше објавена на одбележувањето на 18 години од основањето на Демократската унија за интеграција.
