„Дали ќе има денес Комисија во 14, 18 или во 22 часот, дали ќе ја води Скендар Реџепи или госпоѓата Славјанка Петровска, е техничка работа. Суштинска работа е првиот работен ден од денес, вторник во девет наутро, Комисијата да биде во АНБ“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, вели дека не ги разбрал наводите на претседателот на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за разузнавање (АР) и на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), кој на прес-конференцијата изјави дека седницата на ова работно тело што беше закажана за денеска не е одложена, туку поништена бидејќи била закажана спротивно на Деловникот за работа на Собранието.

Пренџов на прес-конференцијата што ја одржа во Собранието, предложи во вторник, на 9 септември во 9 часот, пратениците што се дел од Комисијата за надзор над работата на АР и АНБ да појдат во Агенцијата за национална безбедност за да се утврди што се случувало таму, а во врска со наводите за прислушување во периодот од 2019 до 2024 година.
Сè друго, како што рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и член на ова работно тело, е обичен фолклор.
Тој во своето обраќање пред новинарите, се осврна на редот на настаните, од неговиот повик за свикување на седницата, до одбивањето на Реџепи да го стори тоа бидејќи нема безбедносен сертификат и вчерашното нејзино закажување од страна на претседателот на Собранието Африм Гаши. Со седницата, која требаше да почне денеска во 11 часот, требаше да претседава пратеничката на СДСМ и членка на Комисијата, Славјанка Петровска.
„По нашиот повик за итна седница на Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР, односно утврдување на датум за посета на Агенцијата национална безбедност, сите политички чинители беа ‘за’. Второ, актуелниот претседател на Комисијата Скендер Реџепи од ‘Европскиот фронт’ на ДУИ, веднаш по мене имаше прес-конференција на која што кажа дека тој нема да свика Комисија, дека нема ништо против да ја свика Комисијата претседателот на Собранието Гаши и дека тоа нема да биде првпат. Зошто? Затоа што пред неколку месеци ние имавме седница на Комисијата, што ја водеше пратеник од опозицијата, а тоа е колешката Славјанка Петровска“,
рече Пренџов.
Затоа, како што кажа, не ја разбира денешната прес-конференција на Скендер Реџепи.
„Наш императив е на деветти, во девет часот наутро, Комисијата за надзор да биде во АНБ. Значи, првиот работен ден од денес, Комисијата да биде во АНБ со цел да се запознае со сите списи и сите документи за она што се случувало. Сè друго, освен тоа, е изигрување на волјата на граѓаните и на јавниот интерес бидејќи посета на АНБ во најбрз можен рок е дел од јавниот интерес. Дали ќе има денес Комисија во 14, во 18 или во 22 часот, дали ќе ја води Скендар Реџепи или госпоѓата Славјанка Петровска, е техничка работа. Суштинска работа е, првиот работен ден од денес, вторник во девет наутро Комисијата да биде во АНБ“,
кажа Пренџов.
Тој најави дека по неговата прес-конференција ќе бара прием кај претседателот на Собранието Африм Гаши за да се види како правно да се заврши целата работа. Дополнително, тој додаде, оти императив е денеска да има седница на Комисијата за надзор над работата на АР и АНБ.
Пратеникот од редовите на коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ и претседател на ова работно тело, Скендер Реџепи дека изјави дека седницата е одложена бидејќи претседателот на Собранието, Гаши, до него не поднел барање за свикување на седницата, што морало да го направи според Деловникот.
Од кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши досега не излегоа со официјално образложение зошто денеска не се одржа седницата на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за разузнавање и на Агенцијата за национална безбедност.
Од СДСМ, пак, преку писмено соопштение рекоа дека стравот од декласификација на материјалите на АНБ ја исплашиле власта, поради што била утната процедурата за да има намерно одлагање на седницата на собраниската Комисија за надзор на АНБ.

„Намерата на власта не е вистината, туку манипулациите, лагите и злоупотребите на институциите. Власт што не може да организира едно редовно заседание на комисија по закон и по процедура, не може да обезбеди ниту функционален систем на безбедност и заштита на јавниот интерес. Наместо да се препелка со процедури и одлагања, власта веднаш да ги декласифицира документите за случајот АНБ“,
се вели во соопштението од СДСМ.