Полициските службеници секојдневно се во првите редови во справување со коронавирусот и нивниот придонес е голем и неспорен. И јас сè уште стојам на ставот дека тие ја заслужуваат наградата која ја предложив и која ќе имаше големо влијание на нивниот понатамошен ангажман и посветеност, вели министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев во интервју за Република.
Тој вели дека за жал останатиот дел од владата и за ова прашање не успеал да се издигне над дневнополитичките и партиските интереси и затоа предлогот бил одбиен во најкраток можен рок.
„Веројатно, фактот дека наградата беше предложена од Наќе Чулев, а не од Славјанка Петровска беше клучен за да биде добие црвено светло, но таа награда ниту е за мене, а ниту за Славјанка, таа е наменета за секој вработен во полицијата кој го жртвуваше своето здравје и својот живот“,
вели Чулев.
Според него, мерките кои ги носи Владата за спречување на ширењето на коронавирусот имаат недостатоци, но тие мора да се почитуваат.
„Последната одлука со која се ограничува движењето овој викенд, но и многу претходни имаат сериозни мани и недостатоци, но таа одлука е донесена од страна на Владата и како и сите други одлуки Министерството за внатрешни работи има обврска да ги спроведе, а граѓаните да ги почитуваат“,
вели Чулев.
Тој во интервјуто зборува и за парламентарните избори, за кои вели дека ѝ се потребни на државава. Но само во момент кога граѓаните нема да бидат загрозени по нивното здравје.
