Жељазков појасни дека надлежните институции, вклучително Комисијата за регулирање на комуникациите, Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) и РВД не регистрирале нарушувања или „спуфинг“ на ГПС-сигналите во близина на аеродромот во Пловдив. Нема извештаи за слични проблеми од други воздухопловни средства во тој период, додаде тој

Бугарскиот премиер Росен Жељазков изјави дека авионот со кој патувала претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен бил постојано воден од Управата за воздухопловна навигација (РВД), со исправни системи и видлив за системите за набљудување на воздушниот простор.
Забавувањето на летот било околу пет минути, што е во рамките на дозволеното, рече Жељазков од собраниската говорница одговарајќи на прашања од пратеникот Атанас Атанасов од Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија, пренесува БТА.
Жељазков појасни дека надлежните институции, вклучително Комисијата за регулирање на комуникациите, Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) и РВД, не регистрирале нарушувања или „спуфинг“ на ГПС-сигналите во близина на аеродромот во Пловдив. Нема извештаи за слични проблеми од други воздухопловни средства во тој период, додаде тој.
Според премиерот, пилотот не пријавил загриженост, а ситуациите со губење на ГПС-сигнал се вообичаени и покриени со стандардни процедури.
„Транспондерот на авионот емитуваше постојано со добар квалитет на ГПС-сигналот, без индикации за долготрајни нарушувања“,
нагласи Жељазков.
Тој додаде дека краткотрајните прекини на ГПС-сигналите се нормални во Европа, особено во густо населени области. Според него, таквите настани не се класифицираат како инциденти што бараат задолжително истражување според регулативите.
Цивилната воздухопловна администрација извршила проверка, а ДАНС и другите институции не утврдиле нарушувања на 31 август во регионот на Пловдив.
Жељазков истакна дека руските вооружени сили поседуваат системи за заглушување на ГПС-сигнали, особено од Крим, што предизвикува нарушувања од Хелсинки до Триполи. Тој го обвини Атанасов за политизација на темата, наведувајќи дека за време на владите на Кирил Петков и Николај Денков имало трипати повеќе слични инциденти.
Атанасов, пак, побара јасност за случајот, тврдејќи дека премиерот ја поткопува довербата во институциите.
„Останува отворено прашањето кој дезинформира – Европската комисија или премиерот“,
рече тој.
На 31 август Фон дер Лајен и Жељазков беа во посета на Сопот. Следниот ден, „Фајненшл тајмс“ објави дека наводна руска интервенција предизвикала нарушувања на ГПС-навигацијата на авионот на Фон дер Лајен кај Пловдив.
Прес-службата на бугарската влада потврди губење на ГПС-сигналот при слетувањето, но Кремљ ги отфрли обвинувањата за вмешаност. Портпаролот на ЕК, Ариана Подеста, изјави дека бугарските власти ја известиле Комисијата за инцидентот, посочувајќи сомнежи за руска интервенција, но авионот слетал безбедно.