Поради зголемениот број на посетители во Охрид, инспекторите на Државниот пазарен инспекторат заедно со екипи на СВР-Охрид и претставници на Инспекторатот при Општина Охрид спроведуваат 24 часовни контроли на сместувачките капацитети.
Како што соопштуваат од општинскиот кризен штаб на Охрид се врши санкционирање на оние капацитети и станоиздавачи кои ги прекршуваат препораките и уредбите донесени од Владата, во делот на туристичката дејност и во насока на превенција од коронавирусот.
Ова се дел од заклучоците што кризниот штаб ги донел на денешниот состанок, на кој покрај постојаните членови, присуствувал и раководителот на подрачната единица на Државниот пазарен инспекторат.
На состанокот заклучиле и дека веќе се работи на зголемување на подготвеноста на капацитети од здравствениот систем во Охрид, при евентуален поголем прилив на заразени од ковид-19“, доколку бидат исполнети капацитети на Инфективната клиника во Битола и болничките капацитети во Скопје.
„По завршување на продолжениот викенд ќе се врши интензивна дезинфекција на улиците, јавните површини и станбените објекти на територија на Општина Охрид. Кризниот штаб на Општина Охрид упатува апел за максимално почитување на препораките за заштита од ковид-19“,
се вели во соопштението.
