Платежната картичка ги опфаќа невработените, активни баратели на работа и примателите на гарантирана минимална помош. Тие ќе добијат парична поддршка од 9.000 денари, вработените лица кои имаат месечни примања помали од 15 илјади денари ќе добијат на домашните платежни картички 3.000 денари исто и младите лица од 16 – 29 години.
Ова е една од мерките на Владата со цел да им се помогне финансиски на граѓаните во време на корона-кризата.
„Средствата од домашната платежна картичка „Купувам домашно“ ќе можат да се потрошат за купување на македонски производи и услуги а со тоа индиректно се помага на домашните компании“,
рече Кирил Колемшевски, претседател на Комисијата за економија на СДСМ на онлајн-дискусијата за тема „Нова развојна македонска економија“.
Тој додаде дека младите покрај паричната помош од 3.000 денари на домашната платежна картичка ќе добијат и 6.000 денари за покривање на трошоците за сместување или партиципација како помош во нивото образование.
„Дополнително, околу 7 до 10 илјади млади добиваат и ваучери за кофинансирање за стекнување на ИТ вештини, обуки, тренинзи и курсеви, кои ќе посетуваат академии за вакви вештини, со цел полесно да најдат работа и бидат поконкурентни на пазарот на трудот“,
рече Колемишевски.
Издавањето на платежната картичка ќе биде од 3 јули со рок за искористување до 31 јули. Овие пари може да се користат во ресторани, кафетерии, зелени пазари, аптеки, онлајн продавници, секаде каде има безготовинско плаќање. Намената е само за домашни производи и услуги, со цел поддршка на нашите компании.
Колемишевски на крај им порача на компаниите да го согледаат ова како шанса да го модернизираат своето работење, преку воведување на нови технологии.
Компании во светот кои ја сфатиле новата реалност, додаде тој, веќе бележат раст и истите во криза генерираат профити повеќе од порано.
„Оваа криза да ја искористиме како шанса од која ќе излеземе со реформирани и осовремени компании конкурентни во регионот и интернационално. Заедно ќе излеземе посилни од ова“,
рече Колемишевски.
