Новата Влада на Косово, предводена од премиерот Авдулах Хоти, одлучи денеска да ја укине одлуката за реципроцитет кон Србија и онаа од 30 мај за дополнување и измена на истата, кои ги донесе претходната влада на Албин Курти. За оваа одлука се изјасни и српскиот претседател Александар Вучиќ кој рече дека е добро да се укинат сите трговски забрани меѓу Белград и Приштина.
Премиерот Хоти ја оцени денешната одлука како мошне значајна и порача дека очекува соодветна реакција и од српската страна, со цел да се отвори патот за продолжување на дијалогот.
„Донесовме значајна одлука за отстранување на пречките за продолжување на дијалогот. Очекуваме и српската страна да ги отстрани сите пречки, меѓутоа ние го задржуваме нашето право како суверена држава да воведеме мерки за зачувување на нашиот суверенитет“,
изјави Хоти.
Тој нагласи дека очекува по отстранувањето на пречките да продолжи дијалогот со Србија и дека одлуките ги донел во координација со меѓународните партнери.
„Овие одлуки доаѓаат како резултат на координацијата со меѓународните партнери. Заложбите кои ги презедовме се дека ќе ги укинеме пречките за дијалогот. Отстранети се сите пречки на определен рок. Доколку дијалогот не ги донесе очекуваните резултати, ние го задржуваме правото повторно да ги воведеме“,
изјави Хоти.
Против денешната одлука гласаа министрите од редовите на Алијансата за иднината на Косово (ААК), чиј лидер, Рамуш Харадинај, во ноември 2018 година, во времето кога беше премиер, ја воведе таксата од 100 отсто на увозот од Србија, што беше причина за прекин на дијалогот меѓу Приштина и Белград.
Таксата на Харадинај ја укина неговиот наследник на чело на Владата, Албин Курти, кој истата ја замени со реципроцитет, наспроти противењата на Соединетите Американски Држави и на дел од косовските политички партии, во прв ред на Демократскиот сојуз на Косово, кој ја формира новата влада предводена од Хоти.

Вучиќ: Добро е да се укинат сите трговски забрани меѓу Белград и Приштина
Српскиот претседател Александар Вучиќ, по повод одлуката на новата косовска Влада за укинувањето на таксите на стоките од Србија, изјави дека е добро да се укинат сите трговски забрани меѓу Белград и Приштина.
„Јас верувам во силата на српската економија и силата на српските компании“,
изјави Вучиќ на ТВ Прва.
Тој кажа дека верува оти може да се воспостави добар деловен однос помеѓу Србите и Албанците во кој сите можат да имаат огромна корист.
Вучиќ оцени дека веднаш по изборите во Србија, го очекува во Белград и Приштина претставникот на Европската унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лачјак, како и дека претстои разговор и со американскиот претставник Ричард Гренел.
„Јас нема да го измамувам народот, нема тука среќно решение за нас, со кое ние би биле особено задоволни“,
кажа Вучиќ за ТВ Прва на прашањето за можноста за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Курти: Новата влада на Косово и в сабота заседава да и угоди на Србија
Лидерот на Движењето самоопределување (ВВ) Албин Курти, по денешната одлука на новата Влада за укинување на реципроцитетот кон Србија, оцени дека Владата на Авдулах Хоти „е нелегитимна и ѝ слугува на Србија“.
Курти, кој пред три дена беше сменет од премиерската функција, напиша на Фејсбук дека, со денешната одлука, Косово ја презеде врз себе вината за доцнењето во продолжувањето на дијалогот.
„И во сабота работат и одржуваат седница само за да го укинат реципроцитетот кон Србија. Косово има безброј социјални и економски проблеми, но тие не може да имаат приоритет во споредба со барањата на Србија“,
напиша Курти.