Според албанскиот портал „Јавањуз“, станува збор за два идентични случаи, кои се разликуваат само во тоа што последниот со претседателката на Европската комисија веднаш беше споделен со јавноста, додека оној со Османи бил разгледуван само интерно и останал скриен од јавноста
Актуелниот случај со авионот на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, кој беше принуден да слета во Пловдив без ГПС-навигација, не бил единствениот таков со воздухоплов во кој се превезувал висок функционер. Албанскиот портал „Јавањуз“ (Javanews) денеска објави дека идентичен инцидент се случил и пред две години со службениот авион на Бујар Османи, поранешен министер за надворешни работи на земјава и тогашен претседавач со ОБСЕ, а сега актуелен кандидат за градоначалник на Чаир на коалицијата „Национална алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ.

Повикувајќи се на добро информирани извори, порталот пишува дека авионот со кој патувал Османи, во својство на претседавач со ОБСЕ, како и во случајот со Фон дер Лајен, целосно го загубил ГПС-сигналот во додека прелетувал низ бугарскиот воздушен простор.
Инцидентот, кој првпат се споменува јавно, се случил во февруари 2023 година, додека Османи се враќал од официјална мисија на ОБСЕ во Молдавија.
Пилотите, како што се наведува, биле принудени да ги користат рачните (мануелни) системи за навигација, како и печатени мапи, односно ги следеле истите протоколи за итни случаи што ги користеле и пилотите во авионот на претседателката на ЕК при слетување на аеродромот во Пловидив.
Според „Јавањуз“, станува збор за два идентични случаи, кои се разликуваат само во една работа. Последниот со претседателката на Европската комисија веднаш беше споделен со јавноста, додека за оној со Османи не стигна информација ниту од ОБСЕ, ниту од Европската Унија, ниту од НАТО. Инцидентот со авионот на Османи од 2023 година, како што пишува порталот, бил разгледуван интерно и останал скриен од јавноста.
Сличности меѓу двата инциденти, според неименуваните извори на порталот, се впечатливи бидејќи и двата вклучуваат високи политички функционери, се случуваат во бугарскиот воздушен простор, како и дека пилотите биле принудени да користат рачни инструменти наместо високотехнолошките системи за навигација поради сомневање за намерно блокирање на ГПС-сигналот.
„Два такви инциденти, кои се случуваат на високи функционери во истиот коридор за лет, јасно укажуваат на системска ранливост“,
изјавил за порталот европски аналитичар за воздухопловна безбедност.
Случајот со авионот на Фон дер Лајен, како што наведува порталот, веќе ги принуди бугарските воздухопловни власти да признаат дека во нивниот воздушен простор се случуваат блокирања на ГПС-сигналот во воздухопловите и дека сомневањата се оти станува збор за непријателска активност од страна на Русија.
Со случајот на Османи, пак, целата слика станува позагрижувачка бидејќи покажува дека источната граница на Европа е многу поранлива и помалку безбедна отколку што се сметаше претходно.
„Доколку ова беше објавено во 2023 година, веднаш ќе генерираше бран дипломатски истраги. Тоа што не беше пријавено е едноставно неверојатно“,
вели висок европски функционер за безбедност за порталот.
Како што пишува „Јавањуз“, двата инциденти фрлаат долга сенка врз протоколите за воздухопловна безбедност на Бугарија и нејзината ранливост кон руските разузнавачки операции во земји од источното крило на НАТО.
Експертите долго време предупредуваат на опасностите од инфилтрација во земјите каде што политичката несигурност и преплетувањето на разузнавачките служби создаваат плодна почва за странски актери.
Според пишувањето на порталот, дали доколку инцидентот со авионот на Османи не бил премолчен тогаш неодамнешниот случај со Фон дер Лајен можел да биде избегнат.
„Хартиените мапи можеби сè уште функционираат, но тие не се долгорочна одбранбена стратегија. На Европа ѝ е потребна не само технолошка отпорност, туку и целосна политичка транспарентност секогаш кога ќе се случат вакви напади“,
вели аналитичар за одбрана со седиште во Брисел за албанскиот портал.

Инаку, ГПС-блокирањето, познато како „џеминг“ и „спуфинг“, традиционално го користат воените и разузнавачките служби за заштита на чувствителни локации. Но, во последниве години европските влади велат дека Русија сè повеќе го користи за нарушување на цивилниот живот.
Експертите предупредуваат дека зголемувањето на ваквите напади може да предизвика сериозна воздушна катастрофа со тоа што на комерцијалните авиони им се одзема видливоста. Бројот на случаи на ГПС-блокирање значително се зголеми во балтичките држави и Источна Европа, особено во областите блиску до границите на Русија.
Инаку, официјален Кремљ во понеделникот негираше било каква вмешаност во блокирањето на ГПС-сигналот на авионот во кој се превезувала претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, додека прелетувал над Бугарија.