Димовски беше првиот директор на АНБ, кој со Агенцијата раководеше од нејзиното основање во 2019 година до 2022 година
Наводите, на кои Димовски најавува одговор, дојдоа во петокот кога беше објавено дека Агенцијата за национална безбедност доставила три известувања до Јавното обвинителство за еден поранешен директор и група вработени во АНБ поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување, а што вечерва го потврдија премиерот Христијан Мицкоски и актуелниот директор на Агенцијата, Бојан Христовски
Поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, за утре најави, како што вели, во куса објава на социјалните мрежи, аргументиран одговор во врска со наводите за злоупотреби што биле вршени во Агенцијата во периодот додека тој раководел со оваа институција.

„Денес е ден за славење, а од утре аргументиран одговор на наводите од брифинг во АНБ одржан деновиве…“,
вели Димовски на Фејсбук, на денот кога се одбележува шестгодишнината од основањето на АНБ.
Инаку, Димовски беше првиот директор на АНБ, која беше основана по реформите на безбедносниот систем на државата. Тој со Агенцијата раководеше од нејзиното основање во 2019 г. до 2022 година, кога на негово место дојде Зарко Милошевски.
Наводите, на кои Димовски најавува одговор, дојдоа во петокот кога беше објавено дека Агенцијата за национална безбедност доставила три известувања до Јавното обивнителство за еден поранешен директор и група вработени во АНБ поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување.
Нив вечерва ги потврдија премиерот Христијан Мицкоски и актуелниот директор на АНБ, Бојан Христовски, кој на функцијата дојде пред нешто помалку од една година по промената на власта на ланските парламентарни избори.
И Мицкоски и Христовски не сакаа да навлегуваат во детали бидејќи, како што рекоа, станува збор за документи кои се класифицирани како државна тајна, но и двајцата изразија очекување дека случајот ќе добие правна разрешница, а одговорните ќе бидат казнети.
„Двете агенции – и Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, темелно се занимавале со, во тоа време, претседателот на најголемата опозициска партија, т.е. со мене, меѓу другото и со новинари и со бизнисмени новинари. Така што, еве да оставиме време периодов процесот да тече, да видиме Обвинителството што ќе каже, судиите, нормално, во еден судски процес“,
рече премиерот одговарајќи на новинарски прашања на одбележувањето на годишнината од основањето на АНБ.
Тој додаде оти очекува овие, како што ги нарече, глодари да завршат онаму каде што им е местото – зад решетки и еднаш засекогаш да се стави крај на злоупотребата на ваквиот тип агенции и ресурсите со кои тие располагаат.
Директорот на АНБ, Христовски, кажа дека Агенцијата во 2019 г. не била реформирана институција, туку повеќе станувало збор за фасада.
Тој не сподели повеќе детали во врска иницираниот предмет, но рече дека и тоа како имаат индиции оти еден поранешен директор и помала група вработени во институцијата ја злоупотребиле својата службена положба и дека за тоа е известено надлежното Јавно обвинителство.
И тој, како и премиерот, изрази надеж дека тие што ги направиле злоупотребите ќе одговараат за тоа.

Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), до кое АНБ ги доставило известувањата, денеска во одговор на новинарски прашања излегоа со став во моментов се води предистражна постапка и поради нејзината тајност не можат да споделат повеќе детали.
Инаку, како што објавивме во петокот, трите известувања што АНБ ги доставило до Обвинителството биле резултат на внатрешна истрага во Агенцијата која довела до сознанија за оформување предмети за оперативни обработки на опозицијата, лидер на опозициска партија и група новинари и медиуми, чија цел, според предметот, била уривање на власта.
Истрагата на АНБ утврдила дека во овие случаи противправно биле користени материјално-техничките ресурси на Агенцијата, а незаконски се спроведувало и следење на комуникациите.