Новинарот на БГНЕС ја праша и дали на премиерот на С Македонија, Христијан Мицкоски му кажала оти нема да добие план Б за европска интеграција на земјата, на што Фон дер Лајен не даде конкретен одговор
Земјите од Западен Балкан ќе станат дел од Европската Унија само врз основа на сопствените заслуги, рече денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при нејзината посета на соседна Бугарија, а одговарајќи на новинарско прашање поставено од новинар на бугарската агенција БГНЕС, а наменето за евроинтегративниот процес на нашата, но и на земјите кандидати од регионот.
„Секоја земја избира дали сака или не сака да биде дел од Европската Унија“,
кажа таа на заедничката прес-конференција со бугарскиот премиер Росен Жељасков.

Новинарот на БГНЕС ја праша Фон дер Лајен дали верува оти стратегијата за безбедносниот систем што Европската Унија го гради со вооружување и други мерки во регионот на Црното Море и на Балканот е одржлива, со оглед на политиката на прогласениот руски сојузник Србија и обидите за дестабилизација на Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија, додавајќи дали ги имаат в предвид овие ризици во државите кандидати за членство во ЕУ.
Дополнително новинарот ја праша и дали на премиерот на С Македонија, Христијан Мицкоски му кажала оти нема да добие план Б за европска интеграција на земјата, на што Фон дер Лајен не даде конкретен одговор.
На почетокот на одговорот рече дека проширувањето на Унијата останува приоритет со цел да се гарантира безбедноста на континентот.
„Проширувањето е во интерес на Европската Унија. Поголема, поконкурентна и побезбедна ЕУ значи Европа со посилен глас во светот. Второ, како што рековте, мешањето на другите сили, особено Русија во Западен Бакан, но и во Молдавија, бара од нас да застанеме зад нашите пријатели и партнери, да ги поддржиме и зајакнеме, да се бориме против овие хибридни напади и мешањето што го трпат. Мора да им дадеме можност слободно да изберат, дали сакаат да бидат дел од ЕУ или не“,
вели таа.
Според неа, проширувањето е и ќе остане процес базиран на заслуги, како и дека е јасно што треба да се направи и подобрувањата што треба да се постигнат.
„Секој кандидат ќе биде оценет според неговите услови. Ова гради доверба на двете страни. Проширувањето бара време. Клучно за Европа, за регионалната стабилност и безбедност е да работиме напорно за успешно проширување“,
рече претседателката на ЕК на крајот од одговорот.
Фон дер Лајен денеска е во еднодневна посета на Бугарија, како дел од нејзината турнеја низ седум земји што се наоѓаат во непосредна близина на војната во Украина.