Коронавирусот постои, тој е тука меѓу нас и во ниту еден момент не смееме да се опуштиме, треба доследно да ги почитуваме препораките за лична заштита, држење дистанца, носење маскa и редовна хигиена на рацете, порачуваат докторите инфектолози Сунчица Јосифова и Азиз Бајрами од Инфективното одделение од кумановската Општа болница.
Тие за МИА сведочат низ што поминувале додека се бореле со ковид-19. И двајцата се заразиле на работното место на Инфективното одделение во болницата. Лекарите раскажаа за нивниот тек на болеста, за терапијата, за строгата изолација.
Доктор Бајрами, специјалист инфектолог, раскажува дека бил меѓу првите здравствени работници заразени со вирусот. На 24 март веста дека се заразени здравствените работници ја соопштија надлежните од Министерството за здравство. Претходно во Куманово немаше ниту еден случај на заразен со коронавирусот, а на 21 март надлежните соопштија дека на ова одделение почина првата пациентка од последици од коронавирус.
„Откако почина пациентката која беше хоспитализирана беше решено да се направи тест кај вработените. Во правата група која се тестираше јас бев заразен заедно со други колеги, двајца доктори и две сестри. По неколку дена беа заразени и останатите колеги. Инкубацијата може да трае од 48 часа до 14 дена, некогаш и повеќе“,
вели Бајрами.
Докторката Јосифова не била меѓу првозаразените. Во многу краток временски период, во март, на Инфективното одделение имало нагло зголемување на бројот на заболени од кои некои биле со тешка клиничка слика, во одредени случаи и витално загрозувачка.
„И јас бев директно вклучена во лекување на ваквите пациенти од самиот почеток. Единствена цел на сите ни беше да им се помогне на заболените. Во таа беспоштедна борба со коронавирусот настрадаа и првите здравствени работници во кумановската болница, кои беа вклучени во лекувањето на болните од КОВИД-19. Епидемиолошката служба при ЦЈЗ спроведе тестирање на сите вработени кои бевме во контакт со заболените и тогаш бев негативна“,
вели Јосифова.
Таа по десетина дена од контактите со заболените, по враќање од работа почувствувала малаксаност, болка во целото тело и треска. Тоа си го припишала на заморот од темпото на работа наметнато од новонастанатата состојба и сметала дека со малку одмор сè ќе биде во ред.
„Но состојбата прогресираше, ми се појави висока температура, течење на носот и главоболка, што укажуваше на можноста дека сум заболена од КОВИД-19. Се јавив во ЦЈЗ од каде што ми беше кажано дека веднаш треба да бидам тестирана и моите сомневања се потврдија. Резултатот беше позитивен. Тоа беше почеток на мојата борба со вирусот. Како што налагаше процедурата, направив лабораториски иследувања и рендген-снимка на белите дробови на која се покажа дека имам воспаление на едното белодробно крило“,
вели докторката.
Почнала со антибиотска и друга симптоматска терапија, со витамини, ацерола и Д3-витамин, течности и исхрана за зајакнување на имунитетот. Но, како што одминувале деновите состојбата ѝ се влошувала.
„Сè почесто бев со краток здив, по секој изговорен збор имав напад на кашлица, малаксаноста стануваше сè поизразена, изгубив апетит. Повремено ми се јавуваше страв од нагло влошување на состојбата. По една недела од појавата на првите симптоми, отидов во болница да направам контролни лабораториски иследувања и контролна рендген-снимка на белите дробови, на која се покажа дека процесот напредувал и имав воспаление на двете белодробни крила“,
раскажува д-р Јосифова.
Иако размислувала да оди на болничко лекување, сепак останала да се лекува дома со антибиотска терапија.
„Подигањето на имунитетот за мене беше најважно, зашто бев свесна дека само со добар имунитет може да го победам вирусот“,
додава д-р Јосифова.
Доктор Бајрами поминал со полесна клиничка слика. За време на изолацијата тој примал витамини, пред сè витамин Ц, пробиотик и многу течности, два литри на ден. Лично, вели, преферира вода и пиел цеден потрокал, лимон и смуди од јаболка и друго овошје со вода. Храната за време на лекувањето, појаснува докторот, треба да е богата со витамини и минерали, овошје, зеленчук, особено салати, кои и онака се препорачуваат.
Кај доктор Бајрами по 14 дена епидемиолозите му зеле брисеви во два наврати, кои покажале дека е негативен. Сега се чуствува добро, но сè уште се придржува кон правилата.
И докторката Јосифова вели дека по десеттиот ден од почетокот на болеста постепено почнала да закрепнува, помалку да кашла, немала покачена температура, малаксаноста почнала да исчезнува, а ѝ се вратил и апетитот.
Петнаесеттиот ден по позитивниот тест од Центарот за јавно здравје ѝ направиле прв контролен тест, а втор контролен тест по 48 часа од првиот контролен тест. И двата теста ѝ биле негативни.
„На мојата среќа ѝ немаше крај кога и тестовите на мојот сопруг и син испаднаа негативни. Тие заедно со мене беа 15 дена во изолација, при што користевме исти простории, кујна, бања, соба за дневен престој и благодарение на строгото придржување на мерките за заштита, држење дистанца, високо ниво на хигиена и носење маска при комуникација, останаа негативни. Не случајно го потенцирам ова, зашто како резултат на ригорозните мерки, на кои се придржувавме, тие останаа здрави и негативни на вирусот“,
вели докторката Јосифова.
