Хрватскиот претседател најостро ги осуди нападите на израелската армија врз цивили во Газа и најавената воена акција за заземање и окупација на енклавата, оценувајќи дека „тоа не може да се оправда со ништо“

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска ја повика Владата да покрене постапка во хрватскиот Сабор за признавање на независна палестинска држава.
Со ова, Хрватска се приклучува на бранот европски држави кои на наредното генерално собрание на ОН во септември ќе ја поддржат независна Палестина.
„Хрватска треба да ја признае Палестина како чекор кон запирање на војната и хуманитарната катастрофа во Газа. Признавањето на правото на палестинскиот народ на сопствена држава е единствениот начин за воспоставување траен мир на Блискиот Исток“,
изјави Милановиќ на средбата со шефицата на палестинската дипломатија Варсен Агхабекјан, која е во официјална посета на Загреб.
Тој најостро ги осуди нападите на израелската армија врз цивили во Газа и најавената воена акција за заземање и окупација на енклавата, оценувајќи дека „тоа не може да се оправда со ништо“.
Загриженост изразил и премиерот Андреј Пленковиќ на средбата со Агхабекјан, но не бил директен како Милановиќ.
Хрватската влада соопшти дека Пленковиќ изразил загриженост за тешката хуманитарна состојба во Газа и побарал итен прекин на огнот, ослободување на сите заложници, заштита на цивилите и непречено доставување помош, особено за децата.
Додека сè понагласени се намерите на Франција, Велика Британија, како и на Канада дека ќе ја признаат Палестина како држава, канцеларот на Германија, Фридрих Мерц, вчера рече дека неговата држава нема да го направи тоа бидејќи се уште нема услови, а воедно признавањето треба да биде крајна цел.
Велика Британија рече дека ќе ја признае Палестина доколку Израел не запре со своите активности. Воедно, во Велика Британија има јавен притисок за признавање на Палестина.
Помеѓу државите од Европа и Португалија најави процес за признавање на палестинската држава.