Според него, колку што ситуацијата е потешка, толку предизвикот е поголем и изрази подготвеност да се справи со сите предизвици
Она што го натерало да прифати да биде кандидат за градоначалник на Скопје е тоа што повеќе не можел да го слуша крикот на, како што рече, нашето напатено Скопје

Имаме точни решенија како да го намалиме загадувањето, како притоа да го решиме сообраќајот во Скопје, како да создадеме зелен обрач околу градот, како да овозможиме безбедност на граѓаните при користење велосипед, одење пеш, преминување улица. Ова се дел од проблемите на кои ќе работи независниот кандидат за градоначалник на Скопје, Горан Марковски, поддржан од „Независни заедно“ доколку победи во трката на локалните избори закажани за 19 октомври.
Марковски, кој е декан на Градежниот факултет во Скопје, рече дека проблемите не треба да се решат декларативно.
„Инженерите имаат задача, чувствуваат одговорност, проблемите да ги решат. Така и ќе пристапам, со конкретни решенија со овие сериозни проблеми што ги има градот. Конкретните решенија ќе ги кажам во текот на кампањата, меѓутоа верувајте дека како инженер не можам да пристапам паушално и со импровизација“,
рече Марковски на денешното негово претставување како независен кандидат за градоначалник.
Според него, колку што ситуацијата е потешка, толку предизвикот е поголем и изрази подготвеност да се справи со сите предизвици.
„Не треба да има сомнеж дека ќе се внесе целосна енергија, знаење и стручност за да се разјаснат овие проблеми. За четири години Скопје не може да го направиме Љубљана, не можеме да го направиме европски град каков што сакаме, но можеме да тргнеме во правецот што го посакуваме“,
рече Марковски.
Претставувањето на Марковски беше одржано пред Камениот мост кој, како што истакна, е симбол на поврзувањето и надминувањето на пречките.
Во својот говор, Марковски ја опиша актуелната состојба на главниот град како „плач на Скопје“.
„Дали го слушате плачот на Скопје? Скопје плаче, се гуши, тоне во смет, се суши. На нашето Скопје му треба помош. Скопје моли за шанса од оние што го сакаат искрено, од оние што знаат и умеат како да му помогнат“,
рече Марковски нагласувајќи дека градот бара јасна визија, компетентност и одговорност, нешто што, според него, му недостигало во изминатиот период.
Она што го натерало да прифати да биде кандидат за градоначалник на Скопје е тоа што повеќе не можел да го слуша крикот на, како што рече, нашето напатено Скопје.
„Потполно сум свесен во какво општество живееме, дека се уште нашето опкружување е обременето со партиско огромно делување, но исто така убеден сум дека без граѓанска иницијатива, без лична независност ниту можеме да имаме добра демократија, ниту здрави институции, ниту квалитетен град“,
додаде тој.
Марковски изрази жалење што во 21 век сè уште се зборува за основни проблеми како што се загадувањето, водоснабдувањето и управувањето со отпадот, наместо за дигитализација, вештачка интелигенција или зелена градба.
„Наместо да говориме за поширока примена на дигитализација, ние сме принудени да зборуваме за гол опстанок“,
истакна тој.
Но тоа, како што рече, нема да го депримира, туку ќе му даде дополнителна енергија којашто треба да се внесе меѓу граѓаните, особено меѓу младите.
„Тоа е онаа наша и општествена светлина што е единствениот преостанат елемент од она што го прави системот околу нас. За жал преостанатите три елементи – земјата, водата и воздухот, Скопје веќе ги нема“,
кажа Марковски.
Заблагодарувајќи се на поддршката од „Независни заедно“ со кои рече дека имаат исти идеали, Марковски изрази надеж оти „множество од ден на ден ќе станува се поголемо“ и дека во него ќе се приклучуваат и формални и неформални групи, како и поедници.
„Верувам дека со заеднички сили ќе го оствариме посакуваното, Скопје и скопјани тоа го заслужуваат“,
рече Марковски.
Според Јана Белчева-Андреевска од „Шанса за Центар“, која и го промовираше Марковски, професорот е личност со докажан професионален интегритет и долгогодишно искуство, кој зад себе има голем број реализирани проекти и генерации воспитани инженери.
„Време е Скопје да го водат стручни лица со храбро лидерство и визија за поубав град по мерка на човекот“,
рече Белчева-Андреевска.
„Независни заедно“ е широка граѓанска платформа која ги обединува независните советници и локални иницијативи од неколку скопски општини-„Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“. Покрај за Град Скопје, платформата веќе објави дека нивна кандидатка за градоначалник на Општина Центар е Билјана Ивановска.