Комисијата ќе има за цел да собере, обработи и да анализира податоци со посебен фокус на периодот од 2022 година до 2025 година и тоа и во јавните и во приватните здравствени установи
Министерот за здравство Азир Алиу утринава одржа состанок со интерната комисија задолжена за подготовка на прелиминарна анализа на кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции во здравствените установи во земјата. На состанокот присуствуваа и заменик-министерот Јовица Андовски и директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски, соопшти Министерството за здравство.

Комисијата е формирана со цел собирање, обработка и анализа на податоци, со посебен фокус на периодот од 2022 до 2025 година, во јавните и приватните здравствени установи.
„Очекувам комисијата да подготви објективни резултати, кои произлегуваат од максимално професионален и независен процес. Наодите ќе бидат клучни за реално утврдување на состојбите и поставување цврста основа за унапредување на менаџирањето во здравствениот систем“,
рече Алиу.
Истовремено Министерството за здравство испрати допис до јавните здравствени установи со кој ги повика да достават податоци за вкупниот број извршени кардиолошки и васкуларни процедури и операции во периодот од јануари 2022 до август 2025 година, вклучувајќи коронарографии, стентирања, васкуларни ангиографии и кардиохируршки или васкуларни интервенции. Оттаму велат дека процесот ќе биде транспарентен, а наодите од интерната комисија ќе бидат доставени до стручна комисија составена од странски експерти, додека пак извештајот ќе биде објавен на веб-страницата на Министерството за здравство во најкраток можен рок.