Рускиот претседател Владимир Путин ќе присуствува на самитот на Шангајската организација за соработка на 31 август и 1 септември во Тјенџин, а на 3 септември во Пекинг и на големата воена парада по повод победата над Јапонија во Втората светска војна

Претседателот на Кина, Си Ѓинпинг, ги оцени односите на неговата земја со Русија како најстабилни и стратегиски важни меѓу големите сили.
Изјавата на Си следува по средбата со претседателот на руската Дума, Вјачеслав Володин.
Оваа средба доаѓа на само неколку дена пред посетата на рускиот претседател Владимир Путин, кој ќе присуствува на самитот на Шангајската организација за соработка на 31 август и 1 септември, во Тјенџин, како и на големата воена парада по повод победата над Јапонија во Втората светска војна на 3 септември во Пекинг.
„Билатералните врски се стабилен извор на светски мир“,
порача Си.
Според него, Кина и Русија треба да соработуваат за да ги заштитат интересите на двете земји во областа на безбедноста и развојот, да го поддржат мултилатерализамот и да промовираат меѓународен поредок што се развива кон поголема праведност и правда.
Кина никогаш не ја осудила офанзивата на Русија против Украина, а многу од сојузниците на Украина се сомневаат дека Пекинг ја поддржува Москва.
Кина тврди дека е неутрална и ги обвинува западните земји за продолжување на непријателствата со вооружување на Украина.