Според коалицијата што е дел од власта, постапувањето на институциите покажува дека Османи е под нечија заштита
Еден месец по објавувањето на негативниот извештај на Државниот завод за ревизија за трошењата во Министерството за надворешни работи во времето кога министер беше Бујар Османи, обвинителството и судството сѐ уште не презеле никакви мерки, реагираат од ВЛЕН. Оттаму велат дека тоа отвора сериозни сомнежи за нетранспарентност и злоупотреби на јавни средства.
„Ревизорите утврдија дека над 120 милиони денари (околу 2 милиони евра) се потрошени за организација на ОБСЕ самитот во Скопје без соодветна документација, без евиденција за испорачаните стоки и услуги и без трајна опрема која требаше да остане во државна сопственост“,
во соопштението на ВЛЕН.

Оттаму велат дека Османи добил негативен извештај од Државниот завод за ревизија и кога бил министер за здравство и оти и тогаш добил низа забелешки за незаконски постапки и сомнителни исплати.
„Денес гледаме повторување на истиот шаблон, судството и обвинителството повторно молчат. Ако беше кој било друг граѓанин, ќе одговараше и за сообраќајна казна. Но за Бујар Османи изгледа важат други правила“,
велат оттаму.
Според ВЛЕН, постапувањето на институциите покажува дека Османи е под нечија заштита, а тоа значи само едно – дека е должен некаде, а тоа не се Албанците или граѓаните на Чаир. Дополнително, потсетуваат дека Јавното обвинителство има законска обврска да отвори случај по негативен извештај на Државниот завод за ревизија и доколку не се направи, тоа ќе биде втор пат како институциите свесно го амнестираат Бујар Османи за исти сомнежи и злоупотреби.
„Граѓаните заслужуваат вистина, отчетност и правда, а не политички имунитет за оние што ја злоупотребиле државата за лични цели. ВЛЕН останува гласен и доследен: нема да дозволиме да се прикриваат злоупотреби и ќе бараме одговорност до крај“,
заклучуваат од ВЛЕН.