Во описот на случајот стои дека инцидентот се случил во 89. минута од натпреварот, кога судијата поради прекршок (фаул) му доделил втор жолт картон и го исклучил од игра синот на осомничениот, кој е играч на Шкупи. Незадоволен од одлуката, тој почнал да се однесува неспортски и со тупаници и удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на Брегалница. Потоа на терен влегол неговиот татко и со тупаници и клоци почнал да удира две деца, фудбалери на Брегалница, нанесувајќи им телесни повреди, како набиеници и скршеница на нос без дислокација
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Штип бара притвор за родителот што нападна двајца малолетни фудбалери на натпревар меѓу младинските екипи на фудбалските клубови Брегалница и Шкупи кој вчера се одржа на стадионот „Бело Брдо“ во Штип.

Штипското обвинителство денеска информира дека е поведена постапка против маж роден 1982 година, осомничен за кривично дело – насилство, кое го извршил за време на фудбалскиот натпревар на стадионот во Штип, со што ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи на тимот на Беласица, нанесувајќи им телесни повреди.
Покрај тоа, кај оштетените, но и кај публиката и јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување на безбедноста и страв.
Во описот на случајот стои дека инцидентот се случил во 89. минута од натпреварот, кога судијата поради прекршок (фаул) му доделил втор жолт картон и го исклучил од игра синот на осомничениот, кој е играч на Шкупи. Незадоволен од одлуката тој почнал да се однесува неспортски и со тупаници и удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на Брегалница. Потоа на терен влегол неговиот татко и со тупаници и клоци почнал да удира две деца, фудбалери на Брегалница, нанесувајќи им телесни повреди, како набиеници и скршеница на нос без дислокација.
На игралиштето влегле и други лица од публиката кои спречиле натамошна ескалација на настанот.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера излегоа со соопштение за овој настан посочувајќи дека 43-годишен родител на фудбалер од скопскиот фудбалски тим Шкупи физички нападнал и повредил двајца малолетни фудбалери на Брегалница за време на одигрување фудбалски натпревар помеѓу младинските екипи на двата тима одигран на игралиштето „Бело Брдо“ во Штип.
Оттаму рекоа и дека веднаш по нападот напаѓачот е уапсен од полициски службеници од Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип, а двајцата малолетници се пренесени во Клиничката болница во Штип за укажување помош.
Веднаш по настанот, потпретседателката на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Кристина Костова, преку објава на социјалните мрежи го осуди овој инцидент и побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, порачувајќи дека ваквите настани се доказ за колапсот на системот за безбедност под негово раководство.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Фудбалскиот клуб Брегалница го осудија вчерашниот инцидент, посочувајќи дека тој претставува грубо нарушување на спортскиот дух, ферплеј-принципите и безбедноста на младите спортисти.
Според Федерацијата, ваквото насилство е апсолутно недозволиво, особено ако се има предвид дека жртви биле деца.
Од Брегалница, пак, најавија дека ќе бараат максимални санкции за сторителите, но и институционална реакција која ќе спречи во иднина млади фудбалери наместо спортска радост да доживуваат трауми на теренот.