Станува збор за одделни случаи регистирани во Кичево, Охрид и Дебар
Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави за безобѕирно управување со моторно возило против повеќе лица кои во текот на вчершаниот ден полицијата ги сопрела поради брзо возење. Станува збор за одделни случаи регистирани во Кичево, Охрид и Дебар.
„На 23.08.2025 во 12:20 часот на магистралниот пат А2 во Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево го лишиле од слобода Н.Ц.(30) од Кичево. При радарска контрола било утврдено дека управувал патничко возило „БМВ“ со кичевски регистарски ознаки со брзина од 125 километри на час во населено место каде брзината е ограничена на 50 километри на час, по што веднаш бил исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица“
се наведува во соопштение од МВР.

Од МВР информираат и за два случаи во Охрид , каде скопјанец и охриѓанец возеле под дејство на алкохол.
„Во 00:30 часот на бул.„Туристичка“ во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид го лишиле од слобода Ѓ.Ѓ(30) од Охрид. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници запреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,62% промили алкохол во крвта.
Во 02:51 часот на ул.„Питу Гули“ во Охрид, при контрола во патниот сообраќај, полициски службеници од СВР Охрид запреле патничко возило „сузуки“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Т.С.(45) од Скопје и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,51% промили алкохол во крвта“,
велат од МВР.

Лишен од слобода бил и возач од Дебар, кој управувал возило со брзина од 171 километар на час.
„Денеска (24.08.2025) во 08:38 на автопатот Тетово-Скопје, кај клучка Групчин, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода С.А.(29) од Дебар. При радарска контрола било утврдено дека управувал патничко возило „мерцедес“ со брзина од 171 километри на час надвор од населено место, односно 71 километар на час повеќе од дозволеното. С.А. веднаш бил исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица Кичево,“
посочуваат од МВР.
По целосно документирање на случаите, против четворицата ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“, велат од МВР.